И Нов Зеланд дигна раце од идејата за нула ковид

Нов Зеланд го призна тоа што другите земји го признаа многу порано: дека овој вирус не може да се капсулира, без разлика колку строги и долготрајни рестрикции бидат воведени. Премиерката најави постепено олабавување на мерките.

Како опозит на Шведска, Нов Зеланд имаше пристап за нула толеранција за ковидот, спроведуван преку стриктни локдауни и агресивни следења на контактите.

До неодамна, стратегијата и нејзиното дисциплинирано спроведување даваа извонредни резултати бидејќи во популација од 5 милиони луѓе, имаше само 27 смртни случаи од ковид. 

Сето тоа се смени со доаѓањето на делта сојот кој во август некако им избега од една карантинска зона, откако во земјата пристигна преку дојденец од Австралија.

Иако Нов Зеланд го воведе најстриктниот локдаун за само еден регистриран случај, тоа не беше доволно за да се заузда пробивот па брзо забележаа 1.300 новозаразени случаи, со 30-тина нови дневно, на што земјата воопшто не е навикната.

Според планот за олабавување на рестрикциите најавен од Јасинда Ардерн, луѓето од Окленд од овој четврток ќе можат да се среќаваат надвор со членови на едно друго блиско семејство, ќе се отворат јасли и луѓето ќе можат да одат на плажа.

Датуми за отворање на трговските дуќани и рестораните уште не се објавени.

Околу 65% од луѓето во Нов Зеланд имаат примено барем една доза вакцина а 49% се целосно вакцинирани. Од групата постари од 12 години, околу 79% во себе имаат барем една вакцинална доза.

4 октомври 2021 - 20:40