Катар се закани дека ќе ја прекине испораката на гас до Унијата, доколку земјите членки почнат стриктно да ги спроведуваат законите за казнување на компаниите што не ги исполнуваат ЕУ критериумите за издувни гасови, човекови и трудови права.
Спорно за Катарците е што овие закони го опфаќаат и извозникот на гас, Катаренерџи, кој според казните што ги предвидува ЕУ за неспроведување на правилата треба да плати најмалку 5% од годишните глобални приходи на компанијата.
Катарскиот министерот за енергетика најави дека доколку ова му се случи на Катаренерџи, тогаш Доха веднаш престанува со испорака на течен природен гас до Унијата.
„Ако јас губам 5% од мојот генериран приход со тоа што ќе отидам во Европа, тогаш нема да одам во Европа... не блефирам.
5% од генерираните приходи на Катаренерџи значи 5% од генерираните приходи на катарската држава. Ова се пари на народот... јас не можам да губам такви пари - и никој не би прифатил да изгуби такви пари,“ порачал министерот, Саад ал-Кааби.
Министерот објаснува дека законите во нивната сегашна форма не се спроведливи за компании како Катаренерџи, кои ќе треба да направат детална анализа и ревизија на комплетните работни практики на сите добавувачи на компанијата, „која има глобален ланец на снабдување што опфаќа 100.000 компании“.
Директивата на Брисел бара и сите големи компании кои соработуваат со Унијата да работат со нула издувни гасови, нешто што исто така е неизводливо за Катаренерџи.
Една од прифатливите варијанти за Кааби е казните да се однесуваат само на приходите направени во ЕУ, а не глобално.