Најбогатите 1% од Американците во периодот од 1989 до 2022 година се збогатиле сто пати повеќе во споредба со просечното семејство од средна класа во истиот период, тврди организацијата Оксфам, врз основа на податоци од Федералните резерви. Ако се споредуваат со најсиромашните 20% од населението, се збогатиле 987 пати повеќе.
Во меѓувреме, над 40% од Американците, вклучувајќи и речиси 50% од сите деца, се во категоријата со ниски приходи, дефинирани како два пати повисоки од националната граница на сиромаштија.

Во споредба со другите 38 развиени земји од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), САД имаат највисока стапка на релативна сиромаштија и се на второто место според детска сиромаштија, смртност кај новороденчиња и очекуван животен век.
Во извештајот се предупредува дека политиките на Доналд Трамп можат уште повеќе да ја зголемат нееднаквоста во САД, но се забележува дека јазот го продлабочуваат и републиканските и демократските администрации.
Нееднаквоста е политички избор... Реформите на политиката во изминатите 40 години, од намалувањето даноци и социјалната сигурност до прашања поврзани со трудот, имаа поддршка од двете партии, изјави Ребека Ридел, виш раководител на политиката за економска правда во Оксфам Америка.
Во извештајот се препорачуваат неколку политики за намалување на јазот, пред се реформа на финансирањето на кампањите и антимонополска политика, воведување даноци за богатите и корпорациите, зајакнување на мрежата за социјална сигурност и заштита на синдикатите.
Овие решенија може да бидат тешки за спроведување поради долгорочната стигматизација, особено на мрежите за социјална сигурност и оданочувањето, кое отсекогаш се сметало за репресивно за сите, а не како алатка за справување со нееднаквоста, вели Ридел.