Од зградата на генералштабот во Анкара, Акар како заложник со хеликоптер е одведен во воената база Акичи на северозапад во Анкара, која ноќта беше седиште на пучистите. Откако Акар е онеспособен, по хиерархија неговиот заменик ја презема контролата на војската.
Во меѓувреме турската влада за организатор на пучот го прогласува генералот Акин Озтурк.
Додека во Анкара и Истанбул пучистите излегуваат со тенкови на улица и надлетуваат со Ф-16 авиони, во базата Акичи тие се обидуваат да го присилат Акар да ја потпише нивната објава на пуч. Според една од приказните што ја пренесува Зидојче Цајтунг, истиот соработник што го киднапира генералот, во Акичи му става пиштол на глава за да потпише. Акар и понатаму го одбива ова, одлука која е една од клучните за неуспех на пучот бидејќи станува јасно дека побунетите немаат поддршка ниту во своите редови.
Акар подоцна е спасен од специјалните сили, меѓутоа и покрај ваквиот развој на настаните и неговото одбивање соработка, уште не е сигурно што точно ќе се случува со генералот и дали тој ќе успее да ја задржи својата функција. Од една страна Ердоган моментално нема доверба во никого во војската, а од друга страна Акар и неговиот генералштаб не успеваат да ги спречат своите војници во излегување на улиците и кревање оружје против парламентот и владата, на што се гледа како на знак на слабост.