„Се мешавме во американските избори, се мешаме и ќе продолжиме да се мешаме. Внимателно, прецизно, хируршки и на наш начин, како што знаеме како да правиме,“ пишува Пригожин на руската социјална мрежа ВК.
Изјавата е објавена на ден пред меѓуизборите во САД, како одговор на барање за коментар од руски новински сајт.
„За време на нашата прецизна операција, ние одеднаш ќе ги отстраниме двата бубрега и црниот дроб,“ изјавил Пригожин без дополнително да ја објасни својата порака.
Пригожин формално е обвинет за спонзорирање на руски „трол-фарми“ кои сакаат да влијаат врз американската политика. Во јули САД понудија 10 милиони долари награда за информација поврзана со Пригожин и неговата вмешаност во американските избори.
Се до неодамна Пригожин е прилично тивок во јавноста. Последниве месеци тој се отвори посебно околу војната во Украина и јавно го критикуваше неуспехот на повеќе руски генерали во војната. Во септември тој призна дека е основач на Вагнер групата, а минатата недела во Санкт Петерсбург отвори центар за одбранбена технологија.