Како дел од големата стратегија за пренамена на целосната руска индустрија за потребите на војната, секоја руска фабрика која има капацитет и знаење, дел од производството мора да го пренамени за потребите на војската.
Германски медиуми објавуваат дека според руски царински документи до кои дошле, имало повеќе од 300 испораки од германски производители до руски муштерии до крајот на 2023.
Се работи за компјутерски управувани машини кои можат автоматски да сечат, виткаат или заваруваат метал и метални делови, и машини без кои производството на авиони и автомобили е целосно незамисливо.
На ова се надоврзува една украинска статистика според која 80% од сите вакви машини во Русија сега се користат во военото производство, и дека од нив 30% се од германско производство.
Во истрагата германските машини, преку фотографии и видео снимки, се идентификувани кај неколку руски компании, како НИР, која ја снабдува руската војска со ракетни и авионски мотори, или Парсек и Камаз кои се вклучени во военото производство на земјата.
Опремата потекнува од повеќе од 30 германски производители чија роба била увезена во Русија минатата година. Во околу две-третини од случаите производите завршиле во Русија преку Турција, а во некои ситуации дел од турските посредници имале директни врски со Русија, додека еден дел се основани и од руски бизнисмени.
Во одговор на истрагата германските производители се вадат на тоа дека никогаш не би и продале на Русија и немале поим дека машините преку Турција ќе завршат таму, ниту пак знаат како истите стигнале до руските фабрики.