
„По мое мислење, Германија не само што не треба да затвора нуклеарни централи туку треба и да ги проработи оние затворените“, рече лани ова време Илон Маск во интервју за Ди Велт.
Германија не го послуша. Пред некој ден беше затворена последната нуклеарна централа во земјата.
„Државитe се соочуваат со енергетска трилема: како да ја задржат енергетската стабилност и да ги намалуваат штетните емисии а истовремено да ја држат цената долу. Германија губи на сите три фронта,“ пишува Бен Рајт во Телеграф.
Затворањето на последната нуклеарка, германските зелени го доживеаа како апсолутен триумф иако под хаубата на политичката сцена се случуваат битни промени: пред 30 години само 3 проценти од луѓето поддржувале градење нови нуклеарни централи. Шпигел лани во август спроведе истражување кое покажа дека поддршка за нови нуклеарни ценатрали има кај дури 41% од Германците а две третини од нив се за продолжување на времетраењето на постојните за барем пет години.
Перцепцијата за ризикот од нуклеарната енергија беше формирана од два клучни настана: хаваријата во Чернобил во 1986 година и онаа во Фукушима од 2011-та. Вторава ја натера Ангела Меркел, по професија физичарка која беше гласен поддржувач на атомската енергија, да го забрза напуштањето на нуклеарките и да го најави за 2022 година, наместо за 2036-та.
Ако се соберат сите смртни случаи предизвикани од секој извор на енергија - вклучително и од загадување на воздухот и несреќи во синџирот на снабдување - кафеавиот јаглен (најлошиот) е одговорен за 32,72 смртни случаи на терават час, додека стандардниот јаглен повлекува 24,62 смртни случаи.
Спротивно на тоа, нуклеарната енергија е одговорна за само 0,03 смртни случаи на терават час. Тоа е нешто повеќе од сончевата енергија (0,02 смртни случаи) и малку помалку од ветерот (0,04 смртни случаи).
Еден терават час е приближно онаа количина на електрична енергија што годишно ја трошат 150.000 граѓани во една развиена земја.
За да се стават овие бројки во контекст, замислете два европски града со по 150.000 жители: СМОГштад ја добива целата своја енергија од јаглен додека АТОМвил целосно се опслужува од нуклеарна енергија. Во овие хипотетички места, во Смогштад годишно прерано би умирале во просек 25 луѓе додека во Атомвил би имало само една прерана смрт на секои 33 години (период во кој гробарите од Смогштад би погребале екстра 825 жители).
Сега замислете доброволно да се преселите од Атомвил во Смогштад.
Германија баш тоа го направи.