Кога во 2012 година британските пратеници за три пати го кренаа плафонот за максималната школарина, критичарите предупредуваа дека тоа ќе ги обесхрабри младите да се запишуваат на универзитет и дека Британија ќе остане без доволно врвно образувани експерти.
Интересот, сепак, продолжи да се зголемува. До 2024 година околу 60% од Британците имале некаков вид постсредношколска квалификација, во споредба со 48% пред да бидат зголемени таксите. Само пет богати земји имаат повисоки стапки на високообразувани луѓе.
Сега се шири загриженост дека универзитетите примаат повеќе студенти отколку што е разумно, заглавувајќи ги младите во долгови што не можат да ги отплатат. Во исто време масовноста ја девалвира вредноста на дипломите, а компаниите сè повеќе претпочитаат да ангажираат млади со вештини и со работно искуство.
Во 2024 година додипломски студии запишале 652.525 Британци. Опозициските конзервативци велат дека бројот на бруцошите би требало да се намали за околу 100.000. Тоа би генерирало заштеди со кои би можело да се намалат каматите на долговите на оние што дипломирале.

Дебатата за вредноста на дипломите се подели во две насоки. Првата е дали универзитетите кои жестоко се натпреваруваат за да привлечат нови студенти ги намалиле условите за влез далеку под разумниот праг. Во 2024 година, повеќе од 10% од студентите што се запишале на редовни додипломски студии немале резултати од нивото „А“ во споредба со 3% пред десет години. Податоци сугерираат дека околу една четвртина од нив се откажуваат од студиите - двојно повеќе од просечната стапка.
Втората дебата е дали студентите избираат предмети кои не им нудат повисоки плати кога ќе дипломираат. Студија од 2020 година покажува дека околу една петтина од дипломираните студенти би поминале финансиски подобро ако воопшто не се запишале на универзитет. Тоа особено се однесува на креативните уметности, на кои се запишани 7% од вкупниот број на студенти и за дел од оние што усовршувале земјоделство или англиски јазик.

Неодамнешно истражување на агенцијата YouGov покажува дека на практиканството се гледа многу поповолно отколку на дипломите. Речиси една половина (46%) од луѓето опфатени со анкетата велат дека практиканството подобро ги подготвува младите луѓе за иднината, а само 6% се убедени дека универзитетските дипломи се супериорни.
На конференцијата на Лабуристичката партија во 1999 година, тогашниот премиер Тони Блер постави цел од 50% од младите да поминат низ високо образование во следниот век. Оваа цел е постигната.
Блер никогаш не објасни зошто процентот треба да биде токму 50, а не 40 или 60, но истакна дека дипломираните студенти заработуваат повеќе. Таканаречената премија на дипломирањето во просек е околу 10.500 фунти. Но, многумина млади дипломирани Британци мораат да прифатат работни места за кои дипломата не е услов... Дали тие стекнуваат некои вредни вештини? Дали стекнуваат навики на умот и аспекти на карактерот што ќе им бидат од голема корист во подоцнежниот живот, забележа Роџер Бутл, виш соработник во Полиси ексчејнџ.