
Рускиот вице-премиер Александер Новак викендов повтори дека Русија е подготвена да испорача повеќе природен гас во Европа, но само ако има долгорочни договори, нешто што европските држави одбиваат да го направат.
За месец јануари Газпром резервираше 21% од капацитетот на станицата Малнов на германско-полската граница (која е последната точка на рускиот дел од гасоводот) но и покрај тоа цел месец ништо не испорача. И испораките кои одат преку украинскиот крак од гасовод исто така се далеку под количината што Русија може да ги испорача.
Периодов европските снабдувачи на гас главно ги користат резервите на природен гас што ги имаат. Пред Нова година Газпром објави дека ЕУ има потрошено 45% од резервите на гас што ги има складирано во 2021. За цело ова време потрошувачката се покрива и со испорака на природен гас од САД со бродови.
Од друга страна политичари и експерти ја обвинуваат Русија дека намерно го запира извозот на природен гас со цел да добие одобрение од Германија и ЕУ за почеток на испорака преку Северен тек 2.
За сега не се знае кога повторно ќе почне испораката преку Јамал, откако пред почетокот на годината неименувани извори од Газпром проценија дека тоа би требало да биде во текот на јануари.