Самитот кој требаше неделава да почне во Питсбург заради пандемијата се претвори во 4-часовна видео конференција, која почна во 7 часот по вашингтонско време, што е 20 часот по токиско.
Според европски дипломатски извори, по 4 часа видео-конференција Г-7 членките се откажале од објавување заедничка изјава бидејќи не можеле да се согласат околу содржината на истата.
Тие тврдат дека претставниците на Стејт департманот инсистирале во изјавата пандемијата да се нарече „Вухан вирус“, што ја отсликува номенклатурата што Трамп ја користи на Твитер и на прес-конференции каде болеста ја нарекува „кинески вирус“.
Ставот на останатите членки е дека терминот наметнува дека пандемијата е кинески проблем, и наместо тоа тие инсистираат да се користи терминот што го употребува СЗО - ковид-19.
САД првично вооптшо не ни сакале да разговараат за ковид-19 за време на „самитот“, со објаснување дека министерите за надворешни работи веќе ја имаат покриено темата. Меѓутоа со тек на време попуштаат околу барањето.
„Ригидната позиција на американската влада е одраз на курсот што Трамп го исцртува за кризата околу корона: имено дека Кинезите се виновни и дека Европа премногу доцна реагирала - што е причина зошто вирусот стигнал во САД,“ се објаснува во текстот на германски Шпигел.
Претходно Трамп преку ноќ, повторно без да ги информира стандардните сојузници во Европа, објави дека ги укинува сите летови од Еворпа и забранува влез на граѓани од континетот. Ова дополнително ги напна Париз и Берлин.
Процената на Шпигел е дека „заради борбата на Трамп против мултилатеризмот дури ни формати како Г-7 повеќе не функционираат. Изгледа дека коронавирусот ги уништува и последните траги од светски поредок.“