Француски затвор за наркобосови во амазонската џунгла

Франција најде сурово решение за наркобосовите: затвор среде амазонска џунгла во Гвајана. Веднаш до озлогасениот работен логор од пред еден век, кај што беа Стив Мекквин и Дастин Хофман во филмот „Папијон“, но со ѕидови и правила што прилегаат на 21 век. Таму ќе ги чува чува локалците што пакуваат кокаин кон Европа, но и дилерите од Франција. И по некој радикален исламист.

Во амазонската џунгла во Гвајана Франција ќе гради нов и „непробоен“ затвор за трговци со дрога. Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин најави дека комплексот ќе има капацитет од 500 затвореници. Во специјални крила со засилена безбедност ќе бидат префрлени 60 наркобосови и 15 радикализирани исламисти.

Стратегијата е едноставна: да го удриме организираниот криминал на сите нивоа. И тука, каде што почнува патот на дрогата, и во Франција, со неутрализирање на главите на мрежата, изјави Дарманин за Журнал ду диманш (JDD).

Бетонската тврдина за чие градење се издвоени 400 милиони евра треба да биде готова во 2028 година. Сместена е во Сен Лоран ду Марони, во пристаништето на бруталната казнена колонија во која Франција префрлаше затвореници од втората половина на 19 век па сè до пред Втората светска војна.

Безбедносните услови во затворот се дефинирани во рамките на Законот против трговија со дрога: ограничени прошетки и посети, без физички контакт со надворешниот свет, редовни претреси и постојан електронски надзор за да се спречат бегства и проток на информации.

Сен Лоран сега е јазол во кој се собираат „мулиња“, главно Бразилци што за неколку стотици евра се обидуваат во своето тело да протнат суринамски кокаин на лет до Франција. Службите на аеродромот во Кајен проценуваат дека секој трет патник што купил билет за Париз носи кокаин. Контролите се строги, но секоја недела има мулиња што се протнуваат.

Казнено-поправниот дом Rémire-Montjoly, единствениот затвор во регионот, е преполнет. Изграден за да прими 500 затвореници, во него има речиси двојно повеќе. Во ќелиите за двајца има по четворица затвореници.

Француска Гвајана станува лабораторија. Жералд Дарманин не гради само затвор, туку и црта граница во војната против дрогата, заклучува весникот.

19 мај 2025 - 15:01