Премиерот на Франција, кој околу контроверзните буркини неодамна влезе во конфликт и со својата министерка за образование, дополнително ја зачини дебатата порачувајќи дека голите гради на Маријана, персонификацијата на француската република, се подобар репрезент на Франција отколку шамиите на исламот.
„Маријана имаше голи гради затоа што ги хранеше луѓето! Таа не беше покриена затоа што беше слободна! Тоа е Републиката“, згрме Валс на еден партиски митинг.
Очекувано, ваквата изјава не мина без жестоки реакции од различни страни, што феминистички, што историчарски.
Маријана е со голи гради затоа што тоа е алегорија, кретену!, му возврати една историчарка што се занимава со периодот на француската револуција.
Инаку, фигурата на Маријана официјално станува симбол на републиката во 1848 година, по падот на монархијата. Нејзиниот лик го има насекаде по државните институции и официјалните документи, по поштенските марки и слично.
Историчарот Николас Лебург објаснува дека премиерот најверојатно ја помешал Маријана со ликот од една позната и постара слика на Делакроа од 1830 година. А за да биде конфузијата комплетна, самата Маријана, онаа вистинската, не само што не е со голи цицки, туку најчесто е претставувана со мека и нежна фригиска капа на главата.
Инаку, министерката што беше против одлуките за забрана на буркините објасни дека и таа е против носење буркини, но се прашува до каде ќе се стигне ако државата почне да оценува која облека е во склад со добрите навики.
Од друга страна, одлуката за забрана УНХЦР ја оцени како „глупава реакција на екстремизмот“.