Франција денеска повеќе им верува на САД отколку на себе

Зошто сериозните европски сили како што е Франција почнаа слепо да ги слушаат САД дури и кога сопствените разузнавачки податоци им велат спротивно?

Поранешниот шеф на француските разузнавачки служби Ален Жулие рече дека неговата влада ги игнорирала сопствените разузнавачки информации по прашањето на односот кон кризите во Украина и Сирија и наместо тоа решила слепо да го следи Вашингтон во анти-руските санкции заради што францускиот земјоделски сектор претрпе огромен удар.

Жулие смета дека француските власти направиле низ надворешно-политички утки, вклучувајќи ја и нивната поддршка за бунтовниците во Сирија и односот кон Украина.

Тој вели дека неговата земја секогаш имала одлични односи со сириските разузнавачки служби кои биле исклучително корисни но дека во еден момент решила да ги запали долго градените мостови, целосно да се потпре на проценката на САД и да го пушти Асад низ вода.

"Одржувавме добри односи со Сирија, макар и кога тоа беше неофицијално. Таквиот однос секогаш ни беше добредојден но сега ништо од тоа нема. Ова е тотална лудост," рекол тој за Пари Мач.

Според него, промените се должат на смената на старите надворешно политички советници и експерти на американската влада кои со децении промовираа тн реална политика. Таа беше толерантна кон ликовите како Хосни Мубарак - стар, корумпиран, авторитарен но корисен за американските интереси. Наместо нив, во Вашингтон доаѓаат стотици нови и млади стратези и експерти кои решаваат да компонираат поинаква слика. 

"А Франција малку и се коцкаше препуштајќи му се на Вашингтон", смета Жулие, инаку син на министер кој завршил врвни школи, долгогодишен специјалец - падобранец кој кариерата ја завршува како шеф на француските разузнавачи.

Новата американска политика пресуди тунискиот претседател Бен Али да си оди и тој по 22 години власт се спакува и си отиде. Потоа пресуди дека и Мубарак мора да си оди. Си отиде. Па ред му дојде на Гадафи кој не се спакува ама го спакуваа на улица.

Со спортски речник, Американците имаа 3 победи од 3 натпревари и веројатно тогаш Франција решила комплетно да застане од страната на победникот. Ама тогаш падна пресудата и за Асад а како што гледаме со години, тука работите станаа покомплицирани.

10 мај 2016 - 14:26