ФБИ ги имало само податоците за времето на јавувањата и броевите на соговорниците на Пател и Вајлс, но не и содржината на разговорите. Документите биле скриени во седиштето на бирото во Вашингтон, во датотеки означени со „забрането“. Веднаш по нивното откривање биле отпуштени најмалку десет службеници од ФБИ.
Не станува збор само за телефонски записи, туку за масовна операција на таргетирање, во која биле користени технички алатки и разузнавачки офицери, изјави анонимен службеник од федералното биро.
Лани во седиштето на ФБИ беше откриено и досието за операцијата Арктички мраз, насочено против раководството на републиканците. Во вреќи за горење биле спакувани и документи од истрагата Crossfire Hurricane за наводните врски на кампањата на Трамп во 2016 година со Русија.
Скандалозно е и длабоко вознемирувачки што претходното раководство на ФБИ тајно и со слаби изговори ги барало моите лични телефонски записи, како и на шефицата на кабинетот Вајлс. Тоа го закопа целиот процес во „забранети“ досиеја, за да се избегне секаков надзор, соопшти Пател.

Операцијата на ФБИ била спроведена откако специјалниот советник Џек Смит во декември 2022 година ја почнал истрагата дали Трамп по крајот на својот прв мандат криел доверливи документи во својата резиденција Мар-а-Лаго. Пател во 2022 година јавно изјави дека Трамп ги декласифицирал документите однесени во Мар-а-Лаго, што беше оспорено од обвинителите.
Демократите во Конгресот го бранеа Смит од претходните критики од Републиканската партија, велејќи дека тој постапил соодветно барајќи телефонски записи и други докази. Оценија дека таа практика била неопходна заради темелно истражување на сомневањата за злоупотреби од страна на Трамп и неговите соработници.
Смит ја заврши истрагата со заклучок дека Трамп треба да одговара за кривични дела, но тоа беше отфрлено од федерален судија. Откако Трамп победи на изборите за втор мандат, Смит се откажа од најавената жалба на пресудата.