Практиката позната како „рекламно разузнавање“ (Адинт) сега е еден од главните извори на владините агенции за масовно надгледување, тврди германската група за заштита на податоци Интерфејс. Нејзиниот извештај бил изготвен врз основа на информации од 11 европски регулаторни тела и национални инспектори со законски одговорности да ги следат и проверуваат активностите на националните и странските разузнавачки агенции.
Преку комерцијални добавувачи, агенциите за национална безбедност обично купуваат пристап до потоци од податоци кои постојано се ажурираат.
Пакетите содржат уникатни идентификатори на мобилни уреди, нивната прецизна локација во реално време и детални профили на корисниците на апликациите поврзани со тие уреди, вели Торстен Веклинг, еден од авторите на студијата.
Владите поставуваат строги правила против прислушување или масовно собирање податоци за граѓаните, но регулативите за користење на Адинт не се јасни, а во некои случаи и воопшто ги нема. Многу од актуелните мерки за заштита, донесени по протекувањето на информациите од Едвард Сноуден во 2013 година, веќе се застарени.

Големите агенции обично директно купуваат големи пакети со комерцијално достапни податоци, а понекогаш и преку посредници за да ги прикријат трагите. Помалите влади користат готови алатки за анализа и редовно купуваат комерцијални збирки податоци од поголемите разузнавачки сили.
Овие практики добиваат на интензитет, не само во САД, каде што има повеќе пријавени случаи, туку и низ цела Европа, каде што има построги мерки за регулација. Ова е поради проширениот обем на податоци што станаа комерцијално достапни, се укажува во извештајот.
Вецлинг предупредува дека потрошувачите самите даваат дозвола да се користат нивни податоци кога без размислување потпишуваат услови што ја регулираат употребата на социјалните медиуми, електронските уреди или интернет услугите.
Сè може да биде дел од тие податоци, од основни како возраста, полот и локацијата, па до чувствителни заклучоци за политичките преференции, сексуалната ориентација и религиозните верувања, вели Вецлинг.
******
Види и: ФБИ купува податоци од мобилни за да следи луѓе