Европа во војна против ноќниот живот

Од Милано до Париз, од Мадрид до Амстердам ноќниот живот во цела Европа станува тапа, и не затоа што народот е досаден, туку затоа што и таму владите сметаат дека тие знаат најдобро колку забава им треба на луѓето.

Минатиот месец градоначалникот на Милано забрани јадење сладолед на улица по полноќ (во слаткарница можеш слободно да јадеш колку ти е мерак). Проблемот беше што жителите околу слаткарниците се жалеле на галамата што ја прават гостите. Откако сите се сложија дека правилото е глупаво, тоа беше укинато.

Во Мадрид минатиот септември центарот на градот беше прогласен за "зона со ниска бучава," и од тогаш градските власти одбиваат да издадат дозволи за барови и клубови за овој регион. Во комбинација со данокот за продажба на алкохол, ова доведе до затворање на 60 до 100 ноќни клубови во градот. Како и да е ова не го направи Мадрид ништо потивок, сега младите само ја продолжуваат традицијата на пиење и дружење на улица, што во основа никому не му одговара.

Ле Монд во 2009-та го нарече Париз "Европската престолнина на досадата." За ова главна причина е праксата на полицијата да ги одбива сите барања за дозволи за организирање журки за една вечер. Во текстот на Ле Монд се наведува дек организирањето на журка во Париз е далеку потешко отколку во Лондон, Берлин, Амстердам и Барселона.

Холандскиот весник Волкстрант минатата недела објави дека младите жители на Амстердам се повеќе се откажуваат од легалниот ноќен живот и наместо тоа се префрлаат на андерграунд настани.

Делумната листа на причини за ова е:

- стареењето на европската популација,

- забраната за пушење во клубовите, заради која пушачите прават галама пред вратите на клубот,

- лошата економска состојба и невработеноста,

- промената на структурата на градовите, заради која некогаш евтините локации во центарот на градот, сега се ексклузивни и скапи недвижности.

"Меѓутоа за жителите на градовите, ноќниот живот е важен како добар сообраќај, историски згради или жива културна сцена. Ноќните клубови и баровите се едни од ретките места каде што толку ветуваните различности и социјално мешање на еден град можат да станат вистина. Не се само места на кои луѓето одат да се опијат, тоа се места на кои се создаваат заедници, каде новата музика и идеите се создаваат и шират. Секако, тие се водат од профит и можат да биде елитистички и ексклузивни, меѓутоа за многумина, посебно малцинствата (сексуални, социјални, религиозни) клубовите нудат безбедно место кое што насекаде недостасува. Јас лично би бил потажен, тесноград и помалку информирана личност ако мојата младост не ја минав на места на кои европската војна против ноќниот живот им ја уништува егзистенцијата," пишува Фергус О'Саливен за Атлантик Ситис.

6 јули 2013 - 13:25