По поразот на Виктор Орбан во Унгарија, веќе се појави наравоучение дека доколку Трамп не направи пресврт во економијата, републиканците ќе мора да платат неподнослива цена на изборите во 2026 и 2028 година.
Њујорк тајмс го цитира десничарскиот коментатор Род Дреер, кој се пресели во Унгарија за да работи за тинк-тенк финансиран од Орбан, како го објаснува резултатот од изборите на следниов начин:
„Кога нема плима и сите бродчиња ќе остаат насукани, сите гледаат кој е на јахтата. Во однос на MAGA, популизмот е одличен, но ако не можете да постигнете резултати во економијата, ништо од тоа нема да биде важно“.
Економскиот хаос во кој се наоѓаат САД е комплетно дело на самиот Трамп, пишува Дејвид Курц. Тој не е стандарден американски претседател кој е заложник на каприците и циклусите на економијата кои не може да ги контролира.
На досега невиден начин, Трамп ги торпедираше клучните столбови на глобалната економија: започна драстични трговски војни и неоправдана вистинска војна на Блискиот Исток, која ги блокираше светските резерви на нафта до степен што се заканува со глобална рецесија.
Дома драматично го задуши економскиот мотор на имиграцијата, ги таргетираше водечките светски универзитети во Америка и ја уништи нејзината жива научна и биомедицинска истражувачка база.
Овие потези не се водени од идеолошки императиви, туку од коруптивни импулси, смета Курц. Економската штета што ја направи Трамп беше намерно создадена за да создаде можности за богатење на него и неговите сојузници.
Семејниот бизнис со недвижности на империјата Трамп доживува најбрза експанзија во странство од своето основање пред еден век, при што секој договор потенцијално влијае врз сè, од тарифи до воена помош.
Предводен од Ерик и неговиот брат, Доналд помладиот, семејниот бизнис се прошири во криптовалути со потези кои донесоа милијарди долари, но и покренаа прашања дали и што добија за возврат некои големи инвеститори.
Браќата, исто така, се приклучија или инвестираа во голем број компании кои зависат од соработката со администрацијата која ја води татко им.
Минатиот месец, тие склучија договор со кој земаа удели вредни милиони од производител на воени дронови кој зависи од Пентагон и земјите од Заливот нападнати од Иран, пишува АП за фамилијарната клеоптократија на Трамп.
Како чист пример на злоупотреба на функцијата за лично богатење се наведува војната што Трамп ја отвори против федералните држави кои побараа регулирање на ултра-доходовните пазари за обложување (Полимаркет, Калши, Крипто, РобинХуд) во кои неговото семејство има директни деловни интереси (види: Америка станува една голема кладилница).
Аризона, Конектикат и Илиноис покренаа тужби против тие компании како нелегални коцкарници - Трамп преку една надлежна државна комисија им удри контра-тужби.
„Ете, така изгледа корупција,“ цитира Алтернет еден активист.