
На Америка ѝ беа потребни изборен пресврт и офанзива врз федералниот буџет за да разберат граѓаните дека без контрола трошат милијарди на „климатските промени“ или за финансирање трансџендер фризерски салони во Индија. Европејците сè уште се во фаза „Фајненшл тајмс“ да им објаснува дека кога нема субвенции, даночните обврзници самите плаќаат за она што го добиваат.
Откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред неколку недели објави дека Европа почнува нова „ера на вооружување“, атлантистичкиот печат избезумено се мачеше да објасни што значи да се живее без субвенции за одбраната. Како да гуглале: „Како големите индустриски земји плаќаат за сопствената одбрана?“, вели Мат Таиби од Racket.
Тој смета дека Американците самите се виновни за тоа. Кога на крајот на Студената војна им беше на дофат дивидендата од мирот, прво Бил Клинтон, а потоа и Џорџ Буш се решија за нови воени трошоци, додека сојузниците како Британија и Германија нагло ги намалија своите обврски. Додека САД се задолжуваше за да финансира ново зајакнување на НАТО, Британија инвестираше во здравствената грижа. Америка трошеше за одбрана повеќе од цела Европа, овозможувајќи ѝ да вложува повеќе за „социјална заштита“.
Од „понежни, поцивилизирани партнери“, Европејците во очите на Американците сега изгледаат како „бесрамни трошаџии чии бесплатни одмори и разни привилегии ги плаќале американските даночни обврзници“.
Аксиома во американската либерална политика е да се учи од Европејците: „Толку мудро, толку разумно! Прекрасни приоритети!“. Бесплатно студирање, платен одмор, грижа за децата, меки полицајци и широка мрежа за социјална заштита... додека Американците работеа по милиони часови и во кеш плаќаа за составување скршени коски, вели Таиби.
Уредникот на Racket додава дека „за среќа или за несреќа“ Доналд Трамп и Европа се судрија за Украина, за цензурата и за други работи што ги принуди некогашните американски сојузници да се запознаат со концептот на плаќање.
Откако Европа направи чекор во американска насока, наскоро ќе има сличен товар од илјадници милијарди долари на грб. Во моментот, тие сè уште се во фаза на учење дека можат да нарачаат повеќе кредитни картички.
Децата од мојата генерација беа хранети со низа филмови, од „Црвената зора“ до „Роки 4“ за да се фокусираат на советскиот непријател. Почнувам да мислам дека повисоката цел на НАТО беше да ги спречи Европејците да се убиваат едни со други, и дека мораа да бидат поткупени за да го прифатат тоа, забележува Таиби.