Европа ќе ги изолира невакцинираните

Зимата доаѓа во Европа, а земји како Германија и Холандија веќе бележат рекордни бројки на заразени. Австрија е подготвена за карантин, кој ќе важи само за невакцинираните лица, кои без посебна причина нема да смеат да излегуваат од дома.

Австрија подготвува карантин за невакцинираните. Канцеларот Александер Шаленберг рече дека земјата е на само неколку дена од 30-процентна исполнетост на капацитетите на единиците за интензивна нега, што е договорено како момент за активирање на локдаун според владиниот план донесен во септември.

Шаленберг објасни дека според условите на новиот локдаун, невакцинираните нема да смеат да ги напуштаат своите домови за несуштински потреби, „токму онака како што сите страдавме во текот на 2020 година“.

Во Германија, каде што инфекциите бележат рекордни цифри, на невакцинираните веќе од понеделник ќе им биде забрането да влегуваат во ресторани, барови и други објекти од сличен карактер. Новите ковид-случаи достигнуваат над 50.000, рекордно ниво четврти ден по ред, а експертите предупредуваат дека бројот на починатите може да се дуплира и да премине 200.000 лица.

Романија и Бугарија имаат најниска стапка на вакцинираност во ЕУ и властите велат дека се борат со многу дезинформации и суеверие околу вакцините, пренесува Гардијан. Во Бугарија, каде што стапката на вакцинираност изнесува само 22,8%, дневната стапка на смртност изнесува 22,8 на еден милион, над седум пати повеќе од просекот на ЕУ од 3,1.

Во Израел на национално ниво се одвива вежба за подготовка на земјата и луѓето за посмртоносна варијанта на ковид. Вежбата се вика „Омега“, по сериозноста потсетува на воена вежба и со неа се тестираат системските механизми во услови на нови карантини.

Според советите на холандските здравствени експерти, тоа ќе биде првата земја во Западна Европа што ќе враќа делумен локдаун: забавата и кафаните затвораат, школите остануваат отворени. Минатата недела Холандија имаше 3.000 заразени повеќе отколку во последниот рекорд од декември 2020 година. По некое време, маските повторно се задолжителни во затворени простории.

11 ноември 2021 - 21:41