Во средата цените на гасот во Европа ја надминаа границата од 100 евра за мегават-час, првпат по речиси четири години. Причините се слабите резерви и стравувањата од недостиг на течен природен гас (LNG) во текот на зимата.
Од почетокот на октомври, цените се повисоки за 38%, а од крајот на февруари, кога САД и Израел ја почнаа војната против Иран, се качија за 300%.
Со резервоарите за складирање полни само три четвртини, наспроти долгорочниот просек од 86% за овој период од годината, Европската Унија е пред тешка зима, за која се прогнозира дека ќе настапи рано и ќе биде студена. Трошоците за повторно полнење на складиштата се 27 милијарди евра.
Иако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, призна дека повисоките цени на горивата од крајот на февруари ја чинеа ЕУ околу 100 милијарди евра, Брисел потврди дека ЕУ ќе престане да купува руски течен природен гас од 2027 година. Рускиот претседател Владимир Путин коментираше дека Европа ѝ нанесува штета на сопствената индустрија.
Кога Русија во 2022 година ги затвори вентилите за гас кон Европа, цената на гасот достигна рекордно ниво од 300 евра за Mwh. Пред пет години, Русија обезбедуваше 45% од гасот за Европа. Денес САД покриваат околу 30% од потребите на ЕУ и тој удел продолжува да расте. Преостанатите количини мора да се набавуваат на глобалниот пазар, на кој Европа се натпреварува со Азија за секоја пратка.
На домашниот пазар во САД, гасот е моментално околу 10 пати поевтин отколку во Европа. Во вторникот, 1 мегават-час природен гас на американскиот пазар Henry Hub во Луизијана чинеше 9,90 долари – најниска од почетокот на 2024 година и 11 пати пониска од европската референтна цена на холандскиот центар TTF. Просечната разлика во цената помеѓу Европа и Америка во 2025 година изнесуваше околу 23 долари за 1 мегават-час, а денес е над 100 долари.
Разликата е зголемена поради блокадата на Ормускиот проток. Нафтата пронајде начин да ја заобиколи блокадата и од Персискиот залив веќе се извезуваат по 24 милиони барели на ден, што е повеќе отколку пред да почне војната.
Но, не постои заобиколен пат за гасот. Катарскиот течен природен гас се транспортира по една единствена рута – низ теснецот – со бродови за кои ниту една осигурителна компанија не сака да преземе ризик во воена зона. Извозот на Катар годинава е 21,7 милиони тони, што е три пати помалку во споредба со 2025 година. Во март со проектили беа погодени две постројки за втечнување гас, со капацитет од 12,8 милиони тони годишно. Поправката ќе трае 3 години со проектирани загуби на приходи од 20 милијарди долари годишно.