
Во обид да обезбеди позиција на масата на која ќе се решава иднината на Украина, лидерите на Европската Унија ја разгледуваат идејата да назначат специјален пратеник, кој би ја претставувал Унијата во целина на преговорите за крај на војната.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ бара на таа позиција да биде назначено лице од „висок профил“, од рангот на американскиот специјален претставник Кит Келог.
Во дипломатските кругови веќе се спомнува името на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, пишува дописникот на „Вечерњи лист“ од Загреб.
Тоа што ни фалеше во Украина во изминатите години беше лице што би го почитувале сите, и Москва и Киев, кое би имало поддршка од Вашингтон и од европските земји, како и од другите лидери, вклучувајќи го и Глобалниот југ. Лице со авторитет да води мировен процес. Потребен ни е некој виден и силен, кој е во состојба да управува со процесот, порача Пленковиќ на Минхенската безбедносна конференција пред две недели.
Хрватскиот премиер го повтори предлогот и на виртуелниот самит за Украина организиран од францускиот премиер Емануел Макрон. Извори од партијата ХДЗ ги отфрлаат шпекулациите дека Пленковиќ со изјавите се нуди себе си за таквата улога.
Идејата ја прифатил финскиот претседател Александер Стуб. Како пример ја наведува улогата на Марти Ахтисари за крај на војната во Косово. Таква позиција и таков лик, според Стуб, би ѝ обезбедил на Европа место на преговарачката маса и можност да влијае врз исходот од мировните преговори. Би испратил јасна политичка порака дека Европа настапува единствено и дека постои некој што во името на ЕУ може да учествува во мировниот процес.
Предлогот сигурно ќе биде разгледан утре на вонредниот самит на ЕУ посветен на Украина, на јакнењето на одбраната и како Европа може да придонесе за безбедносните гаранции за траен мир. Поканет е и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Лидерите ќе дебатираат како да го зголемат вложувањето во одбранбените капацитети, како да ги разлабават фискалните правила за да добијат кредити од Европската инвестициска банка, па и за можноста за заедничко задолжување.