ЕУ има амнезија за Моралес?

ЕУ деновиве претекува од принципиелност и едногласни осуди на  Белорусија заради скандалот со патничкиот авион кој беше пренасочен во Минск за да соберат еден опозиционер и активист против Лукашенко. Мислиш не е видено такво нешто на европскиот континент. А не да е видено такво нештo...

Лукашенко уште еднаш се покажа како идеално лепило за одамна и по многу рабови распуканото европско заедништво па лидерите на ЕУ со ретко видена брзина и леснотија се договорија да ѝ воведат санкции на Белорусија, на која, меѓу другото ѝ е забрането користење на воздушен простор или аеродроми во 27-те земји членки на блокот.

Едногласни беа осудите на чинот на пренасочување на патничкиот авион на Рајанер кој сообраќал на релација Атина – Вилнус па кога се наоѓал во воздушниот простор над Белорусија и речиси стигнал до Литванија, бил свртен кон Минск за при претресот да биде уапсен новинарот Роман Протасевич кој патувал со авионот.

Првиот човек на НАТО, Јанс Столнтенберг оцени дека станува збор за државно киднапирање, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел рече дека за ова неприфатливо однесување единствено одговорна е белоруската влада а комесарката Урсула фон дер Лејен намигна дека ЕУ има спремни 3 милијарди евра за Белорусија, само кога таа ќе стане демократска. Во синхронизираните осуди се приклучија дури и шупелките во европскиот оркестар па читаме дека бугарското МНР побарало објаснување од белорускиот амбасадор за пренасочувањето на авионот и апсењето на новинарот.

А сега ќе се вратиме назад, не многу.

На 1 јули 2013 година, претседателот на Боливија, Евро Моралес, кој присуствувал на конференција на земји извознички на енергенси, дава интервју за РТ навестувајќи дека е подготвен да му даде азил на Едвард Сноуден. Само ден потоа, претседателскиот Фалкон 900 кој го враќа Моралес од Русија во Боливија, одеднаш се соочи со неможност некаде во Европа да дополни гориво. Франција, Шпанија, Португалија и Италија истовремено пријавуваат дека поради „технички проблеми“ авионот не може да влезе во нивен простор. Авионот конечно принудно слетува во Виена каде бива претресен и притоа не е најдена причината за ваквата окестрирана субверзија - самиот Едвард Сноуден за кого имало гласини дека се наоѓа во авионот на Моралес. 

25 мај 2021 - 19:20