Во темелна ревизија на Системот за тргување со емисии на јаглерод, Европската комисија ќе ѝ дозволи на индустријата во ЕУ барем уште една деценија да продолжи да испушта штетни гасови. Компаниите ќе добијат поголема флексибилност да тргуваат со јаглеродни гасови, а некои ќе добијат бесплатни дозволи за емисии.
Линеарниот фактор (LRF) – стапката на годишно спуштање на границата за загадување, ќе биде намалена од 4,4% на 3,7% во периодот меѓу 2031 и 2035 година, а потоа ќе опаѓа со уште поблага стапка од 1,7%. Тоа ќе го продолжи периодот на загадување длабоко во 2040-тите, наместо да достигне нула во 2039 година.
По 2036 година, Комисијата ќе ѝ понуди на индустријата можност да купува јаглеродни кредити од земји надвор од ЕУ за да ги компензира сопствените емисии. Ова има потенцијал да ја намали цената на јаглеродот и да им даде на индустриите повеќе опции кога ќе заврши важноста на дозволите. Во ETS ќе се воведат и домашни кредити од 250 милиони тони отстранети јаглеродни гасови, со кои ќе може да се тргува во периодот од 2031 и 2040 година.
Се очекува дека ревизијата ќе биде поздравена од производителите, но останува отворено прашањето дали ќе биде одобрена од Европскиот парламент и од членки што го поддржуваат актуелниот построг систем против загадување.
Еврокомесарот за климатски прашања, Вопке Хоекстра, изјави дека ревизијата нуди пристап што е поповолен за бизнисот, но нагласи дека ЕУ не се откажала од своите климатски цели.
Напротив, новите цели ја унапредуваат климатската акција и го трансформираат Системот за тргување со емисии во вистински двигател за иновации, инвестиции и реиндустријализација на Европа за чистата економија на иднината, изјави Хоекстра.
Со цел да се поттикнат инвестиции во декарбонизација, предлогот бара „најмалку“ 50% од сите приходи од ETS да им се вратат на компаниите од секторите опфатени со овој систем. Ова може да предизвика негодување кај членките на ЕУ кои добиваат милијарди евра на аукциите на јаглеродни емисии.
Со бесплатни квоти ќе бидат наградени и индустриските погони и компании кои биле лидери во своите сектори во процесот на зелена трансформација.