ЕУ членките увезуваат повеќе гас од Русија отколку од САД

Изминативе две години Путин и руската држава успеваат да ја прошират својата позиција како снабдувач со енергија на Европа, па сега Унијата увезува многу повеќе гас од соседна Русија, отколку да го тегне со бродови од САД.

Германски Велт тврди дека за прв пат по речиси две години, членките на ЕУ увезле повеќе гас од Русија отколку од САД во текот на еден квартал. Како доказ за ова Велт ги приложува податоците од бриселската консултантска компанија Бруегел.

Според податоците на Белгијците, во тримесечјето април - јуни 2024, ЕУ купила 12,7 милијарди кубни метри гас од Русија, а 12,3 милијарди од САД. Споредено со нарачките од првиот квартал на 2024, снабдувањето од Русија за малку е намалено, но нарачките од САД се драстично паднати.

Неодамна Австрија соопшти дека гледа „огромен ризик“ во случај на ненадејно престанување на снабдувањето со руски природен гас.

Во исто време неодамнешните борби во Курск доведоа до пик на цените на гасот во Европа, заради страв дека снабдувањето со гас ќе биде веднаш прекинато откако Русите ја изгубија станицата во Суџа, која е клучна за извозот на руски гас во Европа.

3 септември 2024 - 12:27