Еквадорскиот суд тврди дека писмото на Асанж за натурализација има повеќекратни неконзистентности, различни потписи и можно изменување на некои од документите. Како дополнителна причина за одземање на статусот е што цело ова време тој никогаш не стигнал да живее во земјата. Цело ова време Асанж или е во затвор или се крие во еквадорската амбасада во Лондон.
Асанж првично доби еквадорско државјанство во јануари 2018, во неуспешниот обид на тогашниот претседател да го назначи бегалецот за дипломат на земјата и да се обиде да го извади од амбасадата во Лондон.
Што е до еквадорското министерство за надворешни работи, судот во носењето на одлуката за укинување на државјанството „делувал независно и го следел законот“.
Австралиецот моментално е во затворот Белмарш во Лондон каде служи казна за прекршување на условната казна пред речиси десетина години кога влезе во еквадорската амбасада за да избегне екстрадиција во Шведска. Во Шведска тој требаше да одговара за силување и сексуален напад, обвинение кое во 2019 беше повлечено.
Тој во Британија чека да види дали ќе биде екстрадиран во САД каде против него има 17 обвиненија за шпионажа и едно за недозволено користење компјутер, кое се однесува на објавувањето на илјадници тајни документи на американската војска и дипломатија. Максималната казна по сите основи е вкупно 175 години затвор.