Џо Бајден е Хилари Клинтон 2.0

Ако се гледа според популарност (Бајден моментално води) и ако се гледа според неговите постапки (најави дека за неколку недели ќе каже дали ќе излегува на избори и дека може уште сега да објави кој ќе му биде заменик претседател), изгледа како Демократската партија да се подготвува да го номинира поранешниот потпретседател за противкандидат на Трамп.

„Стави сè на страна и само помисли на сличностите што тој ги има со поразениот демократски претседателски кандидат во 2016,“ пишува Менди Хасан во Интерсепт.

На овој список меѓу другите се:

- Поддржувач на војната во Ирак.

Како Хилари така и Бајден ја поддржа војната. Ако се кандидира, Бајден ќе биде единствениот од 20-те претседателски кандидати на Демократите што гласал за војната.


- Пријател на Вол стрит.

Ако Хилари го имаше проблемот со Голдман сакс, Бајден го има проблемот со МБНА гигантот за кредитни картички, кој беше негов најголем донатор во трките за Сенат. Во 2005, Бајден застана зад законот за банкрот на Џорџ Буш, кој ги заштити компаниите за кредитни картички на сметка на позајмувачите. За ова Бајден подоцна го доби прекарот „сенаторот од МБНА“.

Како што ќе каже Бајден во мај минатата година, „Не мислам дека 500-те милијардери се причина за нашите проблеми. Момците на врвот не се негативците“.


- Поборник за масовниот затворски систем.

Добар дел од нападите врз Хилари беа заради нејзината поддршка на кривичен закон од 1994 кој помогна да се зголеми затворската популација на САД, се воведоа нови дела за кои следува смртна казна и доведе до значително зголемување на популацијата на затвореници од малцинствата.

Е, Бајден го напиша овој закон.


- Човек на естаблишментот.

Клинтонови пристигнуваат во Вашингтон во 1993. Хилари минува 8 години во Сенатот и 4 години во кабинетот на Обама.

Бајден доаѓа во 1973. Минува 36 години во Сенатот и 8 години во кабинетот на Обама.