Џандар, џандар, па ќе му текне

Американската полиција од што е кабает мора по цели денови да трпи кој стигне да ја снима, и секој нивен чекор да биде објавуван по најразлични Јутјуб канали или која и да е социјална мрежа. Ама да се разбереме, не дека и ним не им текнуваат фори.

Дел од редовните пазачи на полицајци почнуваат да се жалат дека кога снимаат некој полицаец додека работи, полицаецот одма почнува на својот телефон да рока некои од најновите музички хитчиња.

Па што?

Па додека го снимаш, заедно со целиот разговор, се снима и музиката од полицаецот. Кога ова видео ќе го аплоудираш на Јутјуб или Инстаграм, нивните автоматски филтри крајно незаинтересирани за што вие правите муабет инстантно ја регистрираат музиката, гледаат дека вие не сте овластени да ја имате таа музика на вашето видео, и клипот автоматски го блокираат или бришат. Маестрално!

Дури и филтрите да не ја фатат музиката од прва, кој било посетител може да го пријави видеото дека содржи материјали со авторски права, па по прегледувањето речиси е сигурно дека видеото ќе го снема од платформата.

Титулата на човекот што ја открива фората е „добро познат активист од Лос Анџелес кој редовно во живо на Инстаграм пренесува протести и интеракции со полицијата“.

10 февруари 2021 - 11:34