За да обезбеди интегрирана Данска во која ќе нема паралелни општества и да ја заштити „данштината“ на оние што живеат во неа, државата неодамна обелодени план по кој во следните 12 години треба да ги снема црните точки на данската мапа, наречени гета.
По нивните правни формулации, гето се однесува на маало над 1.000 жители, кое задоволува два од следните три критериуми:
- најмалку 50% да се имигранти од незападни држави;
- најмалку 40% да се невработени;
- најмалку 2,7% од жителите да имаат криминално досие.
Во такви маала денес живеат 60.000 луѓе распоредени во 25 гета во кои две трeтини од луѓето се дојденци од незападни земји како Сирија, Турција, Ирак, Либан, Пакистан, Сомалија....
На државно ниво, бројот на имигрантите од такви земји во последните 50 години е десеткткратно зголемен: во 1980 ги имало 50.000, денес ги има 500.000.
Планот на премиерот Ларс Локе Расмусен е да се воведат мерки кои гетата ќе ги направи попривлечни за Данците а на луѓето од гетата да им биде полесно да се преселат во некои од мешаните населби.
Има и контроверзни мерки, како што е онаа за двојно поголема казна за криминал сторен во гето. За некои е контроверзна и онаа за задолжителен престој во градинка (најмалку 30 часа неделно) за дете од гето постаро од една година.
„Мора да правите ова, мора да правите она. А во суштина сакаат да ни кажат: Одете си дома“, толкува една имигрантка од Сомалија, која дошла во Данска пред неколку децении на 17-годишна возраст. Вели дека на почетокот се чувствувала пријатно, ама дека во последно време се сменил тонот кон нив. И сега не е сигурна дали ќе може да остари во таа земја.
Домороден Данец кој живее во едно такво гето вели дека нема проблем со насилства и криминал со имигрантите ама некогаш мисли дека ги има премногу и дека многу се бадијалџии.
„Гледајте го оној што влезе во дуќанче. Ден за ден го прави истото, влегува во продавници и бара пари“.
Дури и противниците на планот на премиерот признаваат дека невработеноста е еден од клучните проблеми во данските гета. Тројца од петмина не-Западни имигранти биле надвор од работно место или образовен процес во 4 од последните 5 години.
„Секое сабајле на радио ни порачуваат дека треба да правиме ова, да правиме она. Се уморивме од сето тоа“, вели друг мигрант, кој во Данска живее 15 години и сега е уморен од слушање радио.
Инаку, планот на Расмусен пројде без многу галама од опозиционите социјалдемократи, кои во речиси цела Европа заземаат построг став кон миграцијата во желба да ја вратат традиционалната гласачка база на работни луѓе со изразено национално чувство.