Данците и Норвежаните плаќаат најмногу за помош на Украина

САД и ЕУ ѝ дале номинално најголема помош на Украина откако почна војната со Русија, но ако се смета според сумите што ги издвоиле граѓаните, испаѓа дека најмногу придонеле Данците и Норвежаните. Вработените луѓе во сојузничките земји досега просечно издвоиле помеѓу 600 и 700 евра за финансиска и воена помош на Украина и за поддршка на бегалците.

Владите од западните сојузници и од други земји издвоиле над 340 милијарди евра помош за поддршка на Украина по руската воена инвазија во 2022 година, според организацијата Ukraine Support Tracker од Килскиот институт за светска економија.

САД учествуваат со најголем дел, со приближно 115 милијарди евра во комбинирана воена, финансиска и хуманитарна помош. Следуваат институциите од Европската Унија со 84 милијарди евра, а значителен билатерален придонес дале и Германија (25 милијарди евра) и Британија (19 милијарди евра). Јапонија и Канада ѝ дале поддршка од по над 10 милијарди евра, а близу таа граница се и помалите економии како Данска, Холандија и Шведска, главно преку воена помош.

Овие суми на државно ниво значително се разликуваат од реалните што се одразуваат врз граѓаните на украинските сојузници.

Кога вкупната сума ќе се подели со бројот на даночните обврзници, далеку најголема помош за Украина издвоиле вработените Данци (по 3.650 евра) и Норвежаните (3.186 евра). Далеку на третото место се Швеѓаните (1.622 евра), а прагот од 1.000 евра по даночен обврзник го преминуваат уште и Естонија, Финска, Холандија, Литванија и Луксембург.

Американците, кои дале по 716 евра, се близу до просечниот реален придонес на граѓаните од украинските сојузници. Во оваа група се и Канаѓаните (683 евра), Британците (567 евра) и Германците (557 евра). Французите издвоиле само 252 евра, а најнизок е придонесот од Италијанците (112 евра) и Шпанците (104 евра).

Придонесот драматично се менува ако се има предвид и поддршката за украинските бегалци што ја обезбедува секоја држава. Данците и Норвежаните остануваат на врвот, но придонесот на Полјаците, на пример, се зголемува на 2.549 евра, од само 328 ако не се смета поддршката за бегалците.

Дури и Унгарците, чиј премиер Виктор Орбан го блокираше новиот финансиски пакет на ЕУ за Киев, придонеле со по 966 евра по работник за Украина во периодот помеѓу 2022 и 2025 година.

Иако овие суми се пресметани само заради груба споредба и не ја отсликуваат целосната поддршка од сојузниците, впечатливо е дека се подарежливи земјите од северот на Европа со повисок стандард, кои се географски поблизу до боиштето. Многу европски земји помагаат и преку институциите на ЕУ.

Затоа е сосема разбирливо зошто Јапонците, кои немаат директни историски и безбедносни врски со Украина издвоиле по 157 евра по вработен.

8 април 2026 - 10:53