„Кинескиот светски поредок ја добива својата форма а американскиот светски поредок еродира со фрапантна брзина“, пишува Мартин Жакс во неговиот бестселер од 2009-та година, „Кога Кина владее со светот“. Тој е еден од највлијателните кинески поддржувачи на Запад и отворено ја гледа Кина како голема држава која е пример за земјите во развој затоа што е проактивна, компетентна и стратешка.
Во книгата предвидува дека Кина наскоро ќе посегне по глобална хегемонија и нагласува дека клучна за тоа е нејзината ефикасност и стратешко размислување, способности кои ги САД ги има изгубено заради “заглавеноста во застарените начини на мислење и своите скаменети артерии“.
Оттогаш неговите проценки стануваа само похрабри па неодамна најави дека кинеската светска доминација ќе биде комплетирана до 2030 година. По него, новиот светски поредок кој ќе го предводи Кина и земјите во развој ќе биде посупериорен од сегашната западна доминантност на САД и Европа кои имаат само 15% од светската популација.
Жакс потсетува дека Кина и сега води пред САД во паритетот на куповна моќ (така е од 2014 година) а дека во следната декада ќе прејде во водство и во номиналното БДП. Тој смета дека е срамно што Запад ја критикува Кина за менаџирање на својот дел од пандемијата кога е јасно дека таа многу поефикасно се справи со неа од која било друга земја, била таа демократска како САД или земјите од ЕУ или авторитарна како Индија или Бразил. На оваа тема слично размислува и Френсис Фукујама кој проценува дека глобалната моќ ќе продолжи да се прелева на исток затоа што источна Азија со пандемијата се справи многу подобро од останатиот дел од светот и дека иако сè започна од неа, Кина ќе биде таа која ќе профитира од кризата, барем краткорочно.
Она што Кина го направи за намалување на сиромаштијата е неспоредливо со било што друго на светот, признава Џон Лојд, уредник во Фајненшел Тајмс и коосновач на инстутот на Ројтерс за журнализам при Оксфорд. Отворањето на земјата за полу-слободна пазарна економија, од сиромаштија извади 850 милиони луѓе за само четврт век.
Тоа се нотира и во извештајот на ОН за програмски развој од пред неколку години:
„За релативно кратко време, почнувајќи од кинеските реформи и постепеното отворање, Кина значајно ја намали екстремната сиромаштија, бебешката, детската и породилната смртност, го зголеми пристапот кон образованието, направи значајни исчекори во родовата еднаквост, борбата против АИДС, маларија и други болести. Тоа значи дека милиони луѓе сега имаат стабилен извор на храна, чиста вода, дом и санитарни услови. Тоа исто така значи дека момците и девојките имаат еднакви можности за образование, од основно до факултет, што ќе води кон подобри работни места и постабилни проиходи за нивните семејства“.
Глобалната кинеска офанзива е овозможена и од фундаменталните слабости на ЕУ и САД. За половина век Унијата не успеа да стане федерална држава каква што очекуваа нејзините основачи и сојузничките американски администрации. Има слаба надворешна политика, нема унифицирана воена одбрана па се потпира на НАТО (а.к.а. САД), најмоќната европска фигура, дискретната Ангела Меркел, догодина нема да бара нов мандат а за нов лидер се токми Макрон но ќе има околу тоа сериозен отпор.
А САД во ерата на Трамп доживува невиден раскол кој може да заврши лошо или многу лошо. Лошо ќе биде ако Трамп изгуби а не ги признае изборите за легитимни а многу лошо ако не само што не ги признае туку и не дозволи конституирање на нова власт.
Сузан Метлер и Роберт Либерман во Форин Аферс пишуваат:
„Претходните кризи на демократијата не се појавуваа случајно. Тие се развиваа во присуство на една или повеќе од следниве специфични закани: политичка поларизација, конфликт околу тоа кому му е дозволено учество во политичката арена, висока и растечка економска нееднаквост и претерани извршни овластувања. Кога овие елементи ги нема, демократијата цвета. Кога постои еден или повеќе, демократијата е склона кон ерозија. Денес, за првпат во својата историја, САД се соочува со сите четири закани одеднаш.“
Лојд смета дека Кина сепак не може да биде модел за модерна држава затоа што иако има пријателски лик кон надвор, дома е деспот и автократ а е и страшно непријатна за непосредните соседи.