Дали Британија и Франција ќе ја спукаат заради риба?

Два британски воени бродови се испратени во близина на островот Џерси како предупредување за француските рибари кои сакаат да го блокираат британскиот остров.

Во Џерси се распоредени речни патролни бродови, кои се вооружени со топ направен за одбрана од брзи мети и два митралеза. Поголемиот од двата брода, 90 метарскиот ХМС Тамар, има два дополнителни мини топови.

Во средата локалните власти ја алармираа британската влада дека се соочуваат со директна опасност дека главното пристаниште на островот ќе биде блокирано од француски рибарски бродови заради недоразбирањата околу тоа кој и колку може да лови риба во каналот меѓу Британија и Франција.

Првиот човек на рибарите од Нормандија, во средата порача дека 100 француски рибарски бродови ќе тргнат кон Џерси во знак на протест околу новите правила за риболов.

Претходно францускиот министер за поморски работи се закани дека на островот може да му биде прекината струјата затоа што на француските рибарски бродови не им бил дозволен пристап до водите околу Џерси. Портпаролот на британската влада изјави дека заканата за гасење на струјата, која 95% доаѓа од Франција „неприфатлива и несразмерна“.

Доколку се случи Франција да ја прекине струјата на островот, Џерси ќе треба да ја активира старата електрана која работи на нафта, и која беше изгасена за постигнување на еколошките таргети.

Промената на правилата е резултат на брегзит и новите односи меѓу Британија и Унијата, според кои на француските рибари повеќе не им е дозволено да ловат во водите кои со децении ги користеле за риболов.

6 мај 2021 - 09:16