
Американска сојузна држава со најмала стапка на ковид заболени не е Калифорнија која ги практикува најригорозните мерки за маски и вакцини. Не е ниту Вермонт со 71% комплетно имунизирани жители што е највисока стапка на вакцинираност во САД.
Најмалку новозаболени по глава на жител денес има Флорида, пренесува Јаху Њус.
Се работи за комплетен пресврт на ситуацијата. Во август Флорида имаше по 25.000 нови случаи, односно 116 на 100.000 жители, што беше најлош резултат во земјата и еден од најлошите во светот. Пoследниве два месеца бројките им опаѓаат за 90% и сега регистрираат 8 лица на 100К, што е двојно помалку од Калифорнија и само една четвртина од новозаболените во Вермонт.
Како и секаде во светот и како за сè што е поврзано со ковид, и оваа ситуација се претвори во политички поенти.
Конзервативниот дел недвосмислено го препишува успехот на конто на гувернерот ДеСантис кој не дозволи школите и бизнисите да воведуваат задолжителни рестрикции.
„Критичарите на ДеСантис и меинстрим медиумите стануваат неми пред бројките кои паѓаат во Флорида,“ гласеше наслов на Њусмакс.
„Сето тоа го направија без маски и задолжителни вакцини. Затоа од ДеСантис имаат уплав. Затоа што сите нивни затворања и задолжителности кои ја уништуваат слободата, не вродија со плод,“ порача конзервативниот радио водитл Клеј Тревис.
Од друга страна, Њујорк тајмс смета дека е рано за славење и дека во Флорида се работи само за краток здив меѓу два брана од пандемијата. Епидемиолозите не се сигурни зошто се чини дека ковид доаѓа и си оди во двомесечни интервали.
Видеото против ДеСантис и неговиот пристап можете да го видите во статијата Филмувана црна пропаганда.