Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, нареди официјално повлекување на 19 разузнавачки извештаи од претходните администрации на демократските претседатели, за кои ревизија утврдила дека се политички пристрасни или ги злоупотребиле ресурсите на агенцијата. Овие извештаи ќе бидат избришани од базите на податоци на агенцијата и повеќе нема да бидат достапни за креаторите на политики во САД.
Ратклиф објаснува дека агенцијата се ослободува од либерални идеолошки влијанија. Откако дојде на челото на ЦИА, тој ги укина сите програми за разновидност, еднаквост и инклузија, согласно насоките од претседателот Доналд Трамп.
Висок офицер од ЦИА им претставил на новинари три од укинатите извештаи. Во еден од 2021 година се анализира растечката улога на жените во насилните бели националистички групи во Западна Европа и во Канада, во кои вообичаено доминираат мажи. Бил изработен од аналитичари во Центарот за контратероризам.
Извештајот е типичен пример за тоа како аналитичарите на ЦИА не треба да го трошат своето време. Анализата се фокусира на странските политички дебати за родовите наместо за какви било реални закани од политичко насилство и имплицира опасност за овие општества од традиционалните улоги фокусирани на мајчинството, изјави офицерот.
Другите два извештаи биле изготвени за доверливата публикација WIRe, наменета за воени офицери, конгресмени и други високи функционери. Едниот, потпишан во 2015 година, се однесувал за „предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТ активистите во исламскиот свет на Блискиот Исток и во Северна Африка“, а другиот од 2020 година е посветен на „влијанието на пандемијата на ковид врз пристапот до контрацепција во земјите во развој“.
Офицерот додаде дека некои од укинатите извештаи се потпирале на сомнителни извори на информации, вклучувајќи политички активисти.
Апсолутно нема простор за пристрасност од каков било вид во работата на ЦИА. Ако откриеме дека не е задоволен високиот праг на непристрасност, мора да го исправиме досието, рече функционерот.
Директорката на американското разузнавање Тулси Габард лани побара кривично гонење на поранешниот претседател Обама и на неговите најблиски соработници поради „велепредавнички заговор“ за дискредитирање на изборната победа на Трамп во 2016 година. Габард тврди дека биле фабрикувани разузнавачки информации дека Русија настојувала да влијае врз изборите на кои Трамп ја победи демократската противкандидатка Хилари Клинтон.
******
Види и: Обама лично ги наредил лажните извештаи за да се оцрни Трамп?