Процените на британскиот премиер се дека една третина од нелегалните мигранти, или 33.000 луѓе, кои во првите девет месеци од годинава влегле во земјата се Албанци. За споредба минатата година само 3% од нелегалните мигранти во Британија биле Албанци.
Откако минатиот месец објавија заеднички план со Франција за мониторирање на преминувањето на Ла Манш со мали бротчиња, сега Сунак објави план од 5 точки за борба против миграцијата.
1. Основање посебен оддел за справување со малите бротчиња составен од 700 луѓе од војска, цивили и Националната агенција за криминал, кои ќе го контролираат каналот.
2. Фокусирање на спроведување на законите. Новиот оддел ќе им дозволи на надлежните за имиграција да се фокусираат исклучиво на спроведување на законите и за 50% да го зголемат капацитет за проверки и откривање на нелегални бизниси. Плус споделување на податоците меѓу релевантните агенции за справување со мигрантите кои нелегално работат.
3. Укинување на хотелското сместување на мигрантите. Наместо досегашните хотели кои беа закупувани низ цела Британија за да се сместат мигрантите во иднина за таа намена ќе бидат употребени вишок касарни и празни простори во Универзитетите. До сега владата има најдено место за 10.000 луѓе.
4. Зголемување на бројот на социјални работници со што би се постигнало 3-кратно зголемување на продуктивноста. Работниците ќе бидат поделени по националност и ќе биде направен „радикален ре-инженеринг“ на процесот за аплицирање, со помалку интервјуа и документација за да се намали сегашниот застој. Сунак тврди дека над 100.000 луѓе чекаат повеќе од една година и очекува со промените тие да бидат „исчистени“ до крајот на 2023.
5. Албанија ќе се смета за „безбедна држава“. Британија има нов договор и пристап со Албанија и нејзините власти, кој предвидува на аеродромот во Тирана да бидат распределени граничари кои треба да ги спречат луѓето нелегално да влегуваат во Британија.
Во новите насоки до британските служби Албанија се води како безбедна држава, што значи најголемиот број барања за азил можат да бидат одбиени и илјадници имигранти вратени назад на неделни летови во претстојните месеци се додека „сите Албанци кои чекаат на ред не бидат отстранети“.
Само за Албанците ќе бидат ангажирани дополнителни 400 специјалисти кои ќе работат на чистење на нивните апликации во рок од неколку недели.
Дополнително ќе биде крената границата за она што денес може да се смета за роб, и ќе се бара „објективен доказ, а не само сомнеж“.