Европската комисија потврди дека е активиран „Системот за брза реакција“ од Законот за дигитални услуги и дека ќе биде активен до 19 април, една недела по парламентарните избори во Унгарија. Оваа алатка му овозможува на Брисел да бара од социјалните платформи по брза постапка да отстрануваат содржини што ќе бидат проценети како „ризик од дезинформации“.
Тоа е доброволен систем во кој големите платформи како Тикток и Мета ќе соработуваат заедно со проверувачите на факти и организации од граѓанското општество за да обезбедат дека во контекстот на изборите тие можат брзо да означат потенцијално мешање и потенцијални кампањи за дезинформации, изјави портпарол на Комисијата.
Групи за слобода на говорот предупредуваат дека ова претставува цензура и дека Европската комисија на овој начин се става во позиција да контролира што ќе се објавува по социјалните мрежи.
Аналитичката група МСС тврди дека многу од невладините организации, проверувачите на факти и другите потписници на Кодексот за дезинформации се финансирани од Европската комисија, што отвора сомневања дека се пристрасни, наспроти декларираната независност.
Ова не е неутрална проценка, туку политички мотивирана интервенција. Системот за брз одговор му обезбедува на Брисел моќна алатка за обликување на протокот на информации во критичен изборен период за Унгарија и за Европската Унија, соопшти МСС.

Грегори Шилвај, новинар во Mandiner, го опиша потегот како директен упад во внатрешната политика на земјата.
Ова дефинитивно е мешање во кампањата за парламентарните избори. Механизмот е дизајниран за вакви видови цензура. Ова покажува дека либерално-федералистичкото раководство на ЕУ не им верува на граѓаните, како тие самите да не се во можност да одлучат во што да веруваат или што да мислат, изјави Шилвај.
Во невообичаено остра критика, комитет на Конгресот на САД во февруари ја обвини Европската комисија дека преку своите механизми се мешала во осум избори во шест земји. Комитетот се повика на документи што фрлаат сомнеж на тврдењата за руското мешање во предизборната кампања во Романија во 2024 година, што беше искористено од судовите за поништување на резултатите од претседателските избори.
Се претпоставува дека „руското мешање“ ќе доминира и во кампањата во Унгарија. Во таа насока е извештајот на Украинска правда од 6 март, во кој се тврди дека рускиот претседател Владимир Путин наводно задолжил политички стратези и оперативци од военото разузнавање да извршат влијание врз парламентарните избори во Унгарија со цел да се обезбеди победа за партијата на премиерот Виктор Орбан.
******
Види и: Брисел води децениска кампања за глобална цензура на интернет