Браќата Тејт се поопасни за Трамп од Епстин

Последиците од апсењето на Ендру и Тристан Тејт би можеле да прераснат во голем проблем за Трамп, неговото семејство и политичкото движење МАГА, тврди новинарот Брајан Бјутлер. Врските на синовите на претседателот со браќата обвинети за педофилија и трговија со луѓе се многу понови и појасни отколку оние со Џефри Епстин.

Браќата Тејт неодамна беа уапсени во САД, по што британските власти веднаш покренаа постапка за екстрадиција, за да одговараат за низа обвиненија, вклучувајќи детска порнографија и трговија со луѓе. Трамп објави дека нема да се меша во одлуката за екстрадиција.

Ендру Тејт во 2017 година се фалеше дека „има пристап до синот на претседателот“, ја посетувал Трамп Тауер и се фотографирал заедно со Доналд Трамп Јуниор. Во 2024 година, тој се вклучи во видео-повик со Барон Трамп, најмладиот син на претседателот и се фалеше дека е „многу близок со семејството Трамп“.

Браќата Тејт претходно беа уапсени и во 2022 година во Романија, под обвиненија за силување и трговија со луѓе, но беа пуштени на слобода. Случајот е замрзнат, најверојатно поради притисок од администрацијата на Трамп, иако тоа го негираат и Белата куќа и романските власти. 

Луѓе длабоко вклучени во круговите околу Трамп, вклучително и членови на неговата администрација, па дури и неговото семејство, учествувале или барем биле свесни за она што се случувало во онлајн и офлајн мрежата на браќата Тејт, истакнува Бјутлер.

„Воената соба“ на Тејт, како што ја нарекувале мрежата, е форум со членарина за пристап од околу 8.000 долари годишно за споделување приказни како преку насилство или психолошка принуда да се натераат жени и девојки на секс и порнографија без нивна согласност.

Јасмин Ансари, демократска конгресменка од Аризона, побара од Комитетот за надзор и владина реформа да отвори истрага за „координираните и длабоки врски на браќата Тејт со луѓето од орбитата на Трамп“, и да издадат судски налог на сведочење на неговиот најмлад син Барон.

Според „Њујоркер“, Барон поминувал многу време и со Џастин Волер – кој себеси се нарекува „третиот брат“ на семејството Тејт – и добивал совети од него за состаноци и врски. Од друга страна, Барон му дал политичка насока на својот татко да соработува со влијателни личности од „маносферата“ спроти изборите во 2024 година, за да се мобилизираат младите гласачи од машки пол.

Како возврат за помошта околу изборите, браќата Тејт се стекнаа со влијателни пријатели. „Тејтови ќе бидат слободни, Трамп е претседател“, објави Ендру по втората инаугурација на Доналд Трамп во јануари 2025 година. Тоа предвидување се покажа како точно. Романската влада ги укина ограничувањата за патувања на браќата Тејт, на кои им беше одредена мерка домашен притвор

Тоа е како втор скандал од типот на Епстин... Во некои погледи, ситуацијата е и полоша. Што и да се каже за Џефри Епстин, тој барем не се обидуваше отворено да создаде меѓународно движење од негови имитатори, пишува Бјутлер.

4 август 2026 - 16:18