Средба во Овалната соба:

Биби ги преживеа фрустрациите на Трамп

Претседателот Трамп и израелскиот премиер Нетанјаху се сретнаа во Овалната соба без какви било видливи знаци на тензиите што го одбележаа нивниот однос во изминатите неколку недели. Фактот што двете страни ја оценија средбата како позитивна претставува победа за Биби, со оглед на фрустрациите на Трамп, кој бара излез од војната во која во вовлече израелскиот лидер.

За разлика од повеќето нивни претходни средби во Овалната соба, оваа беше прогласена за „работна“ и не им беше дозволен пристап на новинари. Израелската влада соопшти дека двајцата лидери „тесно соработуваат“ во врска со војната во Иран и дека меѓу нив нема никакви несогласувања.

Разговарале и за можноста Саудиска Арабија да ги нормализира односите со Израел, што Трамп го постави како услов за Саудијците да изградат сопствена нуклеарна програма со поддршка од САД. Трамп не побарал Израел да ги повлече трупите од Либан, а Нетанјаху не го отворил прашањето на продажба на американски авиони ф-35 на Турција.

Ова беше седма посета на Нетанјаху на Белата куќа во вториот претседателски мандат на Трамп. На претходната, израелскиот премиер го убеди Трамп да почне војна со Иран.

Крилото во Републиканската партија што се залага за политиката „Америка на прво место“ стравуваше дека Нетанјаху сега ќе го притиска Трамп да ги интензивира нападите, по периодичните затишја, што би можело да ги вовлече САД во конфликт на Блискиот Исток со месеци, па дури и со години.

Нетанјаху имал двојно повеќе посети на Белата куќа за 18 месеци отколку што Черчил имал во текот на целата Втора светска војна и секоја од нив била катастрофа за политиката „Америка на прво место“. Бесни се сите најжестоки поддржувачи на претседателот Трамп, кои не се водени од принципот „Израел на прво место“, изјави Стив Банон, поранешниот главен стратег на Белата куќа.

По здружувањето на силите во операцијата Епски гнев на крајот на февруари, тензиите меѓу двајцата лидери се зголемија бидејќи војната трае многу подолго отколку што предвиде Трамп. Американскиот претседател неколку пати истакна дека тој лично, а не Нетанјаху, ја контролира војната во Иран. Тоа го повтори и во интервјуто за „Фокс њуз“ непосредно пред седмата средба со Нетанјаху, кога со потсмев ја отфрли идејата дека Нетанјаху ја преувеличува заканата од нуклеарни активности на Иран во бункерите длабоко под планината Пикекс.

Не ми треба Биби за да ми го каже тоа. Биби ми го кажува тоа бидејќи сака да останам вклучен, рече Трамп.

Алекс Греј, кој беше шеф на кабинетот на Советот за национална безбедност за време на првиот мандат на Трамп, оцени дека претседателот нема да направи ништо што не е во интерес на Америка.

Нетанјаху турка својата агенда, која во овој случај не сметам дека нужно е компатибилна со нашите интереси. Но, не се сомневам дека Доналд Трамп ќе дозволи кој било лидер да го манипулира, изјави Греј.

Аналитичарот Брендон Вајчерт посочува дека секоја претходна средба меѓу Трамп и Нетанјаху била отворена за медиумите. Оваа била затворена поради настојувањето на Биби да не излезат неповолни вести за него, токму пред изборите.

Тајмингот не може да биде полош, бидејќи се појави реална можност на САД да се извлечат од војната. Дипломатската иницијатива на Оман претстави решение според кое земјите што излегуваат на Ормускиот проток би наплаќале патарина на бродовите на доброволна основа, слично како што функционира Малачкиот проток, наместо Иран сам да ја контролира стратегиската точка. 

Вајчерт смета дека фокусот на Израел се преместил на Сирија. Министерот за одбрана Израел Кац почна јавно да ги етикетира Турција и Катар како „оска на Муслиманското братство“ и ја предупреди Анкара да не се обидува да воспоставува свои бази во Сирија, затоа што Израел веднаш ќе направи свои. Овие тензии, според Вајчерт, имаат потенцијал да отворат нов фронт на Блискиот Исток. Тоа би му помогнало на Нетанјаху, кој зависи од војни за да го одржи политичкиот рејтинг.

29 јули 2026 - 07:03