
Германската разузнавачка служба БНД уште во 2020 година открила дека коронавирусот што предизвика пандемија најверојатно се проширил по „несреќен случај“ во лабораторија во кинескиот град Вухан.
„Цајт“ и „Зидојче цајтунг“ пишуваат дека БНД го заклучила тоа со анализа на јавните податоци, но и со документи откриени со тајната разузнавачка операција со кодно име „Сарема“.
Биле анализирани податоци од разни кинески институции, вклучувајќи го и Вуханскиот институт за вирологија, каде што е една од водечките лаборатории за истражување вируси.
Покрај доказите за ризичните експерименти за вештачко модифицирање на природни вируси, собрани се и податоци што говрат за разни прекршувања на правилата за безбедност на лабораторијата.
За време на мандатот на Ангела Меркел, шефот на БНД Бруно Кал лично ја информирал канцеларката за разузнавачката операција и за проценките. Тезата дека вирусот се проширил од лабораторија била потврдена со точност од 80-95%.
Кабинетот решил да го чува експлозивниот извештај под клуч, а Меркел и сега одбива да одговара на прашања дали лично била запознаена со процесот. Знаел и Олаф Шолц, но не биле информирани ниту парламентарниот одбор за надзор на разузнавачките служби ниту Светската здравствена организација.
Минатата есен, БНД детално ги известила колегите од ЦИА. Во јануари, новиот директор на разузнавачката агенција Џон Ретклиф изненадувачки ја промени оценката на ЦИА: „Поверојатно е потеклото на пандемијата да се поврзува со лабораториско испитување отколку со природно потекло на вирусот“.