Белгиски парламентарец заврши во затвор заради пораки во групен чат

Поранешниот белгиски пратеник и десничарски активист Дрис ван Лангехов ќе лежи 1 година затвор и треба да плати глоба од 16.000 евра заради ширење расизам во групен чат со пријатели.

Лангехов е лидер на крајно десничарска младинска организација кој од 2019 до 2023 беше член на долниот дом на белгискиот парламент. Тој е казнет затоа што во групен чат со пријатели и симпатизери употребувал говор кој е „расистички, со омраза, нацистички и негаторски.“

Уште пет члена на истата чат група добиле условни затворски казни, меѓу кои и двајца членови на крајно десничарската партија Фламански интерес.

Сите шестмина беа обвинети дека ја користеле групата за размена на расистички, антисемитски и други екстремистички коментари. Меѓу пораките во групата имало мемиња и шеги на теми од глад во Африка до Холокауст.

Коментарот на Лангехов, кој планира да ја обжали пресудата, е дека власта потрошила толку време и пари на истрагата против нив, за на крај да го осудат за мемиња.

14 март 2024 - 09:33