Бајден само во август собра донации од рекордни 364,5 милиони долари

Демократската партија и Бајден очекуваа дека партиската конвенција и номинацијата на Камала Харис ќе придонесат за скок во донациите, ама не очекуваа вака спектакуларни бројки.

Освен што се работи за вкупна рекордна сума на пари собрани за еден месец, има рекорд и на собрани он-лајн донации на кои отпаѓаат 205 милиони долари од вкупната сума.

Во јули Бајден собра „само“ околу 140 милиони долари во донации.

Подвигот на Бајден е посебно значаен ако се има предвид дека заради ковид-19 тој не можеше да ги посетува вообичаените донаторски вечери, каде главно од богати донатори вади чекови на огромни суми. Наместо тоа тој присуствуваше на настаните преку Зум, без разлика дали беа во прашање вирутелни собири на големи донатори, или собири без „минимум за присуствување“.

Трамп се уште нема објавено колку пари има собрано за истиот период, меѓутоа по објавата на бројките од Бајден неговата кампања испраќа меил до симпатизерите во кои предупредува: „Либералите испраќаат пари на своите кандидати со загрижувачка стапка обидувајќи се да нè соборат.“

Сакал-неќел по закон Трамп е обврзан да ги објави бројките од август најкасно до 20-ти септември.

               

3 септември 2020 - 10:48