Проектот за споредба на поврзани модели (CMIP), спонзориран од УНЕСКО, Меѓународната метеоролошка организација и Меѓународниот научен совет, објави нов сет од седум сценарија за климатските промени во кој ги проценува можните последици од најблаги до најекстремни. Највпечатливата промена е во екстремното сценарио (познато како RCP 8.5 и подоцна како SSP5 8.5) со признание дека она што важело до сега е невозможно да се оствари.
За 21 век, овој опсег ќе биде помал од претходно проценетиот: на горната граница од опсегот, високите нивоа на емисии на CMIP6 станаа неверојатни, врз основа на инвестирањето во обновливи извори на енергија, развојот на климатската политика и неодамнешните трендови на емисии на штетни гасови, забележуваат авторите.
Со други зборови, претерани биле прогнозите дека глобалната температура ќе се крене за 5 степени до крајот на овој век, дека ќе се топи вечниот мраз, ќе има масовни изумирања на риби и уништување на земјоделски култури, сето тоа со катастрофални последици за човештвото.
Намерата беше да се истражи екстремно високиот ризик во иднината. Во праксата, тоа беше општо користено за нешто друго, како веројатен исход ако не бидат преземени соодветни противмерки, наведуваат истражувачите.
Официјалните сценарија изработени за Меѓународниот панел за климатски промени имаат огромно научно и политичко влијание, бидејќи служат како основа за креирање на стратегиски и скапи владини политики и мерки – како за намалување на емисиите на јаглеродните гасови.

Апокалиптичните прогнози, за кои и самите автори сега признаваат дека биле претерани, досега биле цитирани повеќе од 45.000 научни трудови. Светскиот економски форум, кој секоја година е домаќин на светската елита во Давос, максимално се повикуваше на екстремното сценарио во проценките за потенцијалните социјални и економски штети предизвикани од климатските промени. Научните списанија тврдеа дека патеката RCP 8.5 ќе доведе до „масовни изумирања“ во океаните, на што се надоврзаа и мејнстрим медиумите.
Според сценариото со високи емисии што го моделираа научниците, во кое загадувањето од согорувањето на фосилни горива би продолжило да се зголемува, затоплувањето би предизвикало губење на океанските видови до 2300 година, што е на исто ниво со петте масовни изумирања во минатото на Земјата. Последните од нив ги уништија диносаурусите, пишуваше Њујорк тајмс.
Притоа беа задушувани и етикетирани критичарите, кои тврдеа дека најлошото сценарио прикажува нереална мрачна слика за иднината бидејќи во голема мера се потпира на недокажани податоци од моделирање.

Во новото екстремно сценарио, научниците сè уште предупредуваат дека планетата би можела да се затопли за околу 3 степени Целзиусови до крајот на овој век - доволно за да донесе климатски нарушувања, зголемување на нивото на морето и поекстремни временски услови. Таквото зголемување би можело да ги уништи и коралните гребени и да ја стави во опасност амазонската дождовна шума.