На снимки објавени на социјалните мрежи во неделата се гледаа големи пожари на западот, југот и северот од Техеран, каде што биле складиштата за гориво. Цел на нападите биле складиштето за нафта Агдасјех во североисточен Техеран, рафинеријата на југ и депото за нафта Шахран на запад од главниот град, како и депото во градот Караџ. Сведоци јавија дека нафтата од депото Шахран течела по улиците.
Почна со црвена светлина што осветли сè, по што следеше бран што ја затресе вратата. Потоа небото повторно се осветли и се појави огромен црвен облак. Не знаевме што се случува, изјави за ББЦ жител на Караџ.
Репортерот на ЦНН од Техеран објави дека во неделата наутро „врнело нафта“. На снимка се гледа како се креваат густи облаци чад од погоденото складиште Шахран. Тоа било погодено и за време на 12-дневната престрелка лани во јуни.
Страшно е. Дење и ноќе, на јадење и на спиење. Насекаде, рече еден жител на западен Техеран.
Поради црниот чад, речиси до пладнето автомобилите не можеле да се движат без запалени фарови, јави Франс прес.

Иранската Црвена полумесечина ги предупреди граѓаните да не ги напуштаат домовите поради токсичните чадови и дождови од кои страдаат дишните органи и кожата. Ги советуваше да ја заштитат храната и да не вклучуваат клима уреди. Дури и кога киселите дождови ќе запрат, воздухот ќе остане отровен поради испарувањата.
Ситуацијата е толку страшна, што е тешко да се опише. Чадот го покри целиот град. Немам воздух и ме печат очите и грлото... Но, луѓето сè уште мора да излегуваат, затоа што немаат избор. Многу места се отворија денес, па повторно се затворија затоа што е невозможно да се остане на отворено, изјави жена од Техеран за Гардијан.
Се плашиме дури и да ги исчистиме прозорците и балконите. Има саѓи насекаде, а не сакаме да ги допреме ни со ракавици. Очите ми горат, а гледам надвор и гледам луѓе без маски како продолжуваат со својот секојдневен живот. Не сум толку храбар. Има мирис во воздухот што не можам да го објаснам, додава друг жител на Техеран.

Израелските сили објавија дека иранските нафтени постројки се „легитимна цел“, бидејќи ѝ служат на иранската војска.
Преку нив, иранскиот терористички режим дистрибуира гориво до разни потрошувачи, вклучително и воени субјекти во Иран, соопштија Израелските одбранбени сили (ИДФ). Министерот Ели Коен најави и напади врз рафинериите за нафта и електраните.
Аксиос јавува дека САД не биле задоволни од тактиката на Израел да ги нападне нафтените постројки. Американците биле загрижени дека нападите уште повеќе ќе ги вознемират пазарите и ќе ја зголемат цената на нафтата.
Претседателот сака да ја спаси нафтата. Тој не сака да ја изгори. Тоа ги потсетува луѓето на повисоките цени на бензинот, изјавил советник на Трамп.