Компанијата Риболд Рисорсис доби лиценца за спроведување „благ фракинг“ во полето Вест Њутн во близина на Хал, за кое се проценува дека содржи до осум милијарди кубни метри гас. Ова е едно од најголемите копнени полиња на гас откриени во Британија, со потенцијал повеќе години да ја зајакне енергетската безбедност на земјата.
Сепак, Риболд Рисорсис објави дека на локацијата планира да изгради мала електрична централа која ќе генерира струја за „копање“ криптовалути.
Приватното снабдување со гас значи дека можеме релативно евтино да управуваме со центар за податоци за рударство на биткоини. Тоа првично би помогнало за финансирање на понатамошен развој на гасното поле и би можело да стане претходник на многу поголем центар за податоци, изјави директорот Сачин Оза.
Рударењето криптовалути е една од енергетски најинтензивните дигитални активности. На копање биткоини на глобално ниво лани биле потрошени близу 160 терават-часови струја, околу 50% од вкупната годишна потрошувачка на Британија.
За да се генерира струја потребна за рударење 1 биткоин, потребно е да бидат согорени околу 150.000 кубни метри гас – колку 50 олимписки базени. Со резервите од полето Вест Њутн теоретски би можело да се создадат 50.000 биткоини.
Алтернативно, би можело да помогне да се гарантира безбедноста на гас за Британија во време на глобална енергетска криза поради војната во Иран и блокадата на Ормускиот теснец. Локацијата за дупчење е само неколку километри од национален гасовод и лесно може да се поврзе.
Користењето на гасот за биткоини не води кон енергетска безбедност или каква било вистинска јавна корист, туку е намерно согорување на фосилни горива за сомнителна активност во време на високи сметки за струја и неисполнети климатски цели, предупреди Лорејн Инглис од група што се против „фракингот“ во јужна Англија.
Министерот за енергетика Ед Милибанд лани воведе забрана за целосен „фракинг“ - пумпање вода со хемикалии под висок притисок во карпа за да се создадат пукнатини низ кои извира гас. Забраната беше воведена откако ваков процес на поле близу Блекпул предизвика серија помали земјотреси. Сепак, правилата сè уште дозволуваат фракинг со помал притисок, како на полето Вест Њутн.