Англија е „системски расистичка“

Звучи како заклучок за Англија од пред 60-70 години, меѓутоа е од пред некој ден и е дел од извештајот за расната нееднаквост на островот испратен до Обединетите нации, во кој се алармира дека начинот на кој Владата се справува со расизмот може да доведе до прекршување на меѓународните човекови права.

Извештајот изработен од Ранимед трустот, кој покрива околу 100 граѓански организации и НВО-а, тврди дека британската влада ја прекршува клучната ИЦЕРД спогодба чија цел е искоренување на расната дискриминација.

Британската влада е должна да поднесува редовни извештаи до Комитетот за елиминирање на расната дискриминација на ОН, за да се осигури дека се придржува до ИЦЕРД спогодбата.

Според нив луѓето со етнички разнолико потекло се уште се соочуваат со нееднаквости во здравството, судскиот систем, образованието, миграцијата и политиката.

Од трустот наведуваат и дека ковид-19 имал непропорционално големо влијание врз заедниците на етничките малцинства, што според нив е пример за неуспесите што владата ги има во борбата со расните разлики.

Како резултат на ова се заклучува дека „во Англија расизмот е системски“.

Тие не се согласуваат и со заклучокот на Британската комисија за расни и етнички нееднаквости, објавен во април, во кој беше заклучено дека системот во Британија повеќе не е „намерно наместен“ против етничките малцинства. Уште кога беше објавен овој извештај, Ранимед го прогласи за „скрипта напишана за потребите на Даунинг стрит број 10“.

Од Ранимед тврдат дека работите сега се полоши отколку во 2016 кога бил поднесен претходниот извештај.

14 јули 2021 - 14:48