Американски војници нападнати и набркани од Истанбул

Дел од екипажот од американскиот воен брод УСС Маунт Витнеј, закотвен во Истанбул, додека е на прошетка низ градот е пресретнат и нападнат од припадници на Младата унија на Турција (ТГБ), како одмазда за приведување на турски специјалци од пред речиси 20 години.

Припадниците на ТГБ се пофалија на социјалните мрежи дека ставиле бели вреќи врз главите на американските војници, плус објавија видео како бркаат дел од војниците по пристаништето и извикуваат „Yankee go home“.

„Ти си нашиот непријател, не те сакаме тука. Нема да дозволиме американски војници слободно да се шетаат по нашата земја. Јенки оди си дома,“ извикува еден од момците што го напаѓаат американскиот војник.

По објавувањето на инцидентот турските власти за него уапсија 17 лица од ТГБ.

ТГБ имаа иста акција и во 2014 кога нападнаа морнари од друг американски брод кој исто така учествуваше во воени вежби на НАТО во Црното море.

Симболиката на белите вреќи врз главите на американските војници е како одмазда за еден инцидент од јули 2003 кога група турски специјалци што оперираа во Северен Ирак беа заробени од американските војници и одведени на испрашување со бели торби на главата.

4 ноември 2021 - 12:37