Американски генерали проповедаат верска војна во Иран

Верски фанатици со високи чинови ја промовираат операцијата Епски бес како војна што има корени во пророштва од Библијата. Од подофицерите барале да им пренесат на војниците дека претседателот Доналд Трамп бил „помазан од Исус да го запали сигналниот оган во Иран за да предизвика Армагедон и да го означи Неговото враќање на Земјата“.

Анонимни подофицери во протестен и-мејл се пожалиле дека командантот ги повикал да им пренесат на војниците дека војната против Иран е „Божји план“. Им кажал бројни цитати од Книгата на Откровението од Библијата кои се однесуваат на Армагедон и враќањето на Исус Христос и ги „поучил“ дека претседателот Трамп бил повикан да го запали оганот во Иран за да предизвика Армагедон.

Офицерот што го испратил протестното писмо истакнал дека зад него стојат уште 15 колеги - вклучувајќи 11 христијани, еден муслиман и еден Евреин – од единица што е надвор од воената зона, но може да биде испратена да учествува во операцијата Епски бес. 

Демократски конгресмени побараа Пентагон да ги истражи овие тврдења.

Ако се точни, овие скандалозни изјави со кои се оправдува војна врз основа на толкувања на библиски пророштва и со кои се информираат војниците дека ги ризикуваат своите животи заради некоја религиозна визија, покренуваат очигледна загриженост за прекршување на Уставот и на верската неутралност што се очекува од военото раководство, напишаа 27 конгресмени во писмо до Пентагон. 

Припадниците на вооружените сили на САД даваат заклетва дека ќе го бранат секуларниот Устав, а не какви било религиозни доктрини.  Конгресмените ги поврзуваат новите обвинувања со пошироката политичка клима во која министерот за одбрана Пит Хегсет и високи цивилни функционери експлицитно користат религиозни термини во формулирањето на политиката на Блискиот Исток.

Министерот Хегсет го воведе евангелистичкото христијанство на највисоките нивоа на војската и организира месечни молитвени состаноци низ Пентагон. Тој секоја недела присуствува на час за толкување на Библијата, под водство на проповедник кој вели дека Бог ѝ заповеда на Америка да го поддржува Израел.

Проповедникот Ралф Дролингер учи дека „причината за поддршка на Израел е тоа што Бог сè уште ги благословува сојузниците на Израел и ги проколнува неговите непријатели“, иако Израел го уби Исус (оваа клевета, која е историски корен на антисемитизмот, е отфрлен од секоја голема религија). По нападот на Израел врз Иран минатата година, Дролингер две недели проповедаше поддршка за Израел до членовите на кабинетот на Белата куќа и членовите на Конгресот.

Пред само неколку дена, во бизарна сцена во Овалната соба, група евангелисти на чело со духовната мајка му испрати „позитивна енергија“ на претседателот Трамп.

Фондацијата за воена верска слобода (МРФФ) регистрирало повеќе од 200 жалби од 50 различни одделенија во сите гранки на војната за прекршување на секуларниот темел на војската. 

МРФФ добива слични поплаки за ширење христијанската теологија за крај на светот секогаш кога ова срање ќе експлодира со Израел на Блискиот Исток, вели основачот на фондацијата, Мајки Вајнштајн.

На пример, по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, командант на воздухопловните сили на брифинг оценил дека „војната меѓу Израел и Хамас е претскажана од Книгата на Откровението... и никој не може ништо да стори во врска со тоа“.

По терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година, претседателот Буш говореше за американска „крстоносна војна“ против тероризмот, потсетувајќи на древните судири со муслиманите. Таа реторика на Буш инспирираше исламски фундаменталисти да се вооружат за војна со „христијанската армија која води војна против исламот“. 

10 март 2026 - 10:07