Американски генерал ја советува Швајцарија: Спремете се за војна

Алпите се далеку од Русија но, поранешен командант на американските трупи во Европа ја советува Швајцарија итно да се подготви за војна. Повлекувањето на Американците значи смрт за НАТО. Збунетата Европа има потенцијал самата да се одбрани од експанзионистичките закани од Русија, но ѝ недостасува политичка волја.

Поранешниот командант на американските сили во Европа Бен Хоџис ја повикува Швајцарија да не сонува дека неутралноста ќе ја изолира од новите воени закани по повлекување на американските сили од Стариот континент и неизбежната смрт на НАТО.

Најдобар начин да се спречи војна е да се подготвите за неа. Секој што е неподготвен, повикува на агресија, вели генералот Хоџис во интервју за швајцарскиот SonntagsBlick.

Според него, Москва не ја почитува швајцарската неутралност, што не значи дека руските тенкови еден ден ќе упаднат во алпската земја. Генералот сепак ѝ советува Швајцарија да ги обнови системите за одбрана од беспилотни летала.

Ако Путин надвладее во Украина, мислам дека е многу веројатно Русија да ја нападне Молдавија или балтичките земји, на пример. Руските пропагандисти постојано зборуваат за тоа. Значи, ова не е неоснована загриженост, туку непогрешливо јасна намера на Кремљ. - вели генералот Хоџис.

Тој не се сомнева дали при такво сценарио САД ќе ѝ помогнат на Европа, но додава дека е „лош знак“ самиот факт што денес ова прашање толку често се поставува.

Економијата на ЕУ е многу помоќна од руската. Ако европските лидери соберат политичка волја да го направат она што е потребно, тие можат да ја одвратат Русија дури и без САД.

Претседателот Доналд Трамп ќе повлече одреден број трупи, за да заштеди милијарди долари и да ги префрли кон азиско-пацифичкиот регион за одбрана од Кина. Американците ќе задржат ограничени сили во Европа заради стратегиски цели.

Американските трупи не се во Европа за да ги заштитат Германија, Франција или Швајцарија. Европа е стратегиска станица од која се координираат операциите во Африка, Блискиот Исток и Евроазија. Америка не може да се заштити сама од Тексас или Северна Каролина. Патем, САД имаат огромни економски придобивки од стабилна Европа, вели генералот.

Европската Унија најави инвестиции од 800 милијарди евра во одбраната за да стане воено независна. Генералот истакнува дека е важно каде ќе се насочат парите: во образованието, здравството, животната средина или во безбедноста? „Политичарите мора јасно да им кажат на граѓаните дека има разлика“.

Процесот мора да се забрза, зашто Русија по една, две или три години може да биде подготвена за конвенционален напад врз некоја европска земја.

Часовникот отчукува, не можеме да губиме време. Она што сега е потребно не е дебата, туку акција, предупредува поранешниот командант на американските воени сили во Европа.

18 март 2025 - 12:23