Американците уште долго ќе плаќаат за војната на Трамп

Војната во Иран, ако се почитува лабавиот договор за прекин на огнот, беше релативно кратка. Но, огромните трошоци и последиците ќе се чувствуваат со години. Американците секој ден плаќаат 360 милиони долари повеќе за гориво и потешко може да си дозволат нов дом. Глобалниот раст се спушти на нивото од пандемијата. Се очекува и Трамп да плати политичка цена во ноември.

Конфликтот од 110 дена, во кој најмоќната војска во светот се соочи со далеку послаб, но стратегиски вешт противник, одзеде животи на 13 американски војници и на повеќе од 3.300 Иранци, според државните медиуми. Уште 3.826 луѓе беа убиени во Либан, речиси 60 во Израел и десетици низ земјите од Персискиот Залив.

Војната ги потресе глобалните енергетски пазари, парализираше клучен морски пат, предизвика штедење на горивото низ Азија и Африка и ги наруши синџирите на снабдување на сè, од хелиум и полупроводници до ѓубрива. Воедно силно ги погоди економиите на земјите од Блискиот Исток.

На глобално ниво, Светската банка неодамна ја намали на 2,5% својата прогноза за раст на глобалната економија за 2026 година, што е најниско ниво по пандемијата на коронавирусот. Стагнацијата и повисоката инфлација ја погодија Европа, а нарушувањето на синџирот за снабдување со ѓубрива и гас за готвење предизвика проблеми во Индија. Земјите од Персискиот залив, според проценките на Светската банка, ќе имаат раст од само 1,3% годинава, во споредба со 4,5% лани. Блокадата на Ормускиот теснец ги принуди земјите од Персискиот залив да го намалат производството на сурова нафта за повеќе од 11 милиони барели дневно во мај во споредба со нивоата пред конфликтот.

Во САД војната ги крена цената на горивата инфлацијата и хипотекарните каматни стапки. Мудис аналитика проценува дека војната досега ги чинела Американците 132 милијарди долари како потрошувачи и даночни обврзници, но бројчаникот сè уште работи.

Највидливиот дел од таа цена се повисоките цени на енергијата, како последица на затворањето на Ормускиот теснец. Цените на бензинот, кои во просек беа нешто под 3 долари за галон кога почна војната, скокнаа до 4,56 долари за галон откако беше пресечена таа витална артерија за сурова нафта. Американските возачи користат помеѓу 360 милиони и 380 милиони галони бензин секој ден, според статистиката на Министерството за енергетика. Иако цените на бензинот се намалија во последните недели, Американците на бензинските пумпи секој ден плаќаат 360 милиони долари повеќе за бензин отколку пред војната.

Дизелот скокна од 3,76 долари за галон до врвот од 5,69 долари на почетокот на април. Тоа ги зголемува трошоците за транспорт за сè што патува со камион или воз. Цената на авионските билети скокна за речиси 27% во последната година, главно како резултат на повисоките цени на горивото.

Цените на ѓубривата се искачија до 47%. Близу 70% од американските земјоделци не можат да си го дозволат целото ѓубриво што им е потребно. Тоа може да влијае на цената што потрошувачите на крајот ја плаќаат за храна.

Војната, исто така, придонесе за скок на хипотекарните каматни стапки, што го прави купувањето дом поскапо. Пред војната каматните стапки накратко паднаа под 6%, но до минатата недела просечната каматна стапка на 30-годишен станбен кредит се искачи на 6,52%. Тоа значи дека некој што купува куќа од 400.000 долари со 20% аконтација, плаќа повисока месечна рата за 110 долари.

Оперативните воени трошоци, според сведоштво на 12 мај од потсекретарот за одбрана Џулс Херст, изнесувале 29 милијарди долари. Иако од април до мај речиси и да немаше борби, сметката се зголемила за 4 милијарди долари за поправка и замена на опрема. Во оваа сума не се вклучени трошоците за поправка на американските воени бази што Иран ги нападна со проектили и дронови. Се уште нема проценки за поправките, затоа што не се знае во кој обем САД ќе останат воено присутни во регионот.

До некаде е мерлива и политичката цена што САД ја плаќаат за војната во Иран. Анкети покажуваат дека нето-рејтингот на претседателот Трамп се намалил за 15 поени по 28 февруари. Овој пад доаѓа во незгодно време за Трамп, неколку месеци пред среднорочните избори за Конгресот.

18 јуни 2026 - 12:00