Само 27% од Американците се за војна со Иран, а 43% се категорично против, покажува анкета на агенцијата Југов, спроведена во првите часови откако САД и Израел ја почнаа операцијата Епски чекан и го ликвидираа иранскиот ајатолах.
Дури 56% од вкупно 1.282 луѓе опфатени со анкетата се изјасниле дека Трамп „претерано силно настојува да употреби сила“ за да ги заштити интересите на САД. Тоа е оценката на 87% од демократските гласачи, но и на 23% од републиканските.
Анкетата била спроведена пред да биде потврдено дека во операцијата загинале првите американски војници. Од републиканците, 42% се изјасниле дека нема да поддржат воена кампања ако последиците се загинати или ранети американски војници.
Близу 45% од испитаниците (вклучувајќи 34% од партијата на Трамп) се изјасниле дека нема да поддржат војна против Иран ако тоа ја крене цената на горивото. Иран во саботата го блокираше Ормускиот Теснец, низ кој поминува една петтина од глобалната трговија со нафта, што ја качи цената на нафтата за 10%.

Трита Парси од Институтот Квинси тврди дека токму падот на поддршка го поттикнала Израел да го натера Вашингтон што е можно поскоро заедно да удрат врз Иран.
Ова е клучната причина. Израел и неговите поддржувачи во САД имаат чувство на очајна итност за војна со Иран и анексија на Палестина. Прозорецот за овие агресии со поддршка од САД беше пред затворање, забележа Парси.
Војната го промени и ставот на граѓаните на САД кон Израелците. Сега дури 57% од Американците се за независна држава за Палестинците, повеќе отколку на која било друга анкета спроведена во изминатите 25 години. Од младите, на возраст од 18 до 34 години, 53% велат дека сочувствуваат повеќе со Палестинците, а само 23% со Израелците како жртви на конфликтот. Истражување на агенцијата Пју лани покажа дека поддршката за Израел во САД била релативно стабилна до 2019 година, кога почнала да се намалува, а драматично паднала по израелскиот геноцид во Газа.
И претходната демократска администрација на Џо Бајден свесно го поддржуваше Израел, наспроти слабата поддршка од јавноста, што се смета за една од причините за поразот на изборите во 2024 година. Внатрешна партиска истрага покажала дека поддршката на геноцидот во Газа одиграла голема улога за поразот на кандидатката Камала Харис.
Сепак, лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, неодамна повтори дека негов приоритет е „да се осигура дека американските пари и оружје ќе продолжат да течат кон Тел Авив“.