
Барањето доаѓа од групата „Flag Officers 4 America“ која себе се опишува како „пензионирани американски генерали и адмирали во одбрана на Уставот“. Според нив, Остин и Мајли, покажале „неодговорност во исполнувањето на своите должности“ во брзото напуштање на Авганистан, заради што Американци и Авганистанци лојални на САД биле заглавени во земјата и „де факто заложници на талибанците“.
„Фундаментален принцип во војската е барање одговорност од лидерството и одговарање на своите постапки и не постапки. Мора да има одговорност на сите нивоа за овој трагичен дебакл кој можеше да биде избегнат,“ пишува во писмото.
Првиот човек на американската централна команда, Кенет Мекензи, во понеделникот објави дека САД од крајот на јули евакуирале повеќе од 122.000 цивили од Авганистан, меѓутоа сепак илјадници авганистански сојузници и десетици Американци останале заглавени во земјата.
Групата порачува дека Мајли и Остин требале да се спротивстават на брзото напуштање на Авганистан, и да ги понуделе своите оставки во знак на протест ако не можеле за тоа да го разубедат Бајден.
Како последица на „оваа катастрофа“ Авганистанци ќе бидат убивани и измачувани и направена е неопислива штета на репутацијата на САД. Според нив посебно „катастрофално“ е што напредна воена опрема ќе заврши во рацете на непријателите на Америка. Се проценува дека десетици милиони долари во летала, оклопни возила и одбранбени системи останаа во Авганистан.
Пензионираните генерали тврдат дека „заради слабоста покажана во Авганистан“ противниците како Кина и Русија може да бидат „охрабрени да делуваат против Америка.“